Здрава котлина, Младите на Штука-Иловица против рудникот и Еко-долина, организираат мирен протест во Скопје на 23 ноември 2019, сабота, со почеток од 12 часот, пред Влада на РМ со цел да изразиме загриженост и поддршка во насока на конечно решавање на проблемот преку одземање на концесијата на рудникот Иловица-Штука согласно законот за минерални суровини.
„Имено во јули 2019, Министерството за економија го одби барањето за дозвола за експлоатација (3 години после законски рок) и таа одлука ја потврди Второстепената комисија во октомври 2019. Веднаш потоа Министерството за Економија го потпиша предлог решението за еднострано раскинување на концесијата и го стави во владина процедура за да излезе на седница на влада и да се реши ова конечно. Согласно законите за одземање на концесијата не е потребно да се чека никаква одлука на Управен Суд туку само да се стави на дневен ред на седница на влада веќе потпишаното предлог решение и да се изгласа еднострано раскинување на концесијата.
Свесни сме дека за месец и половина ќе дојде техничка влада и дека тогаш ќе нема ингеренции да решава за ова важно прашање. Затоа е овој мирен протест, за да ја потсетиме и охрабриме владата да постапи согласно заложбите и потребите на граѓаните кои се доста јасно изразени. Свесни сме дека Владата ги имаат аргументите и знаат дека законот е на наша страна за што и веќе направија исчекор во вистински правец. Останува само да се заврши до крај ова работа и да се одземе концесијата на Еуромакс Ресурси согласно законот за минерални суровини.
Ве повикуваме да присуствувате на протестот во Скопје во што поголем број, заедно со вашите семејства, роднини и пријатели. Имаме организирано бесплатен масовен превоз до Скопје и назад. Сендвичи немаме, но можете да си понесете со вас храна, напитоци и ведро расположение. Според метеролошката прогноза ќе биде убав сончев ден во Скопје и протестот би траел еден час. Дополнително ќе објавиме време на тргнување од Струмица и враќање од Скопје. Граѓаните кои сакаат да присуствуваат можат да се пријават на телефонскиот број 078467240 со цел да си резервираат место за транспорт’, се вели во нивниот повик.