Граѓанското здружение „Здрава котлина“, во име на сите граѓанки и граѓани од југоисточниот регион и еколошките друштва и иницијативи се заблагодари на Владата и премиерот за раскинување на концесијата за рудникот Иловица.
„Од името на заедничката иницијатива, еколошките организации и граѓаните изразуваме голема благодарност до Владата и премиерот Зоран Заев за раскинувањето на концесијата за рудникот Иловица-Штука.
Им честитаме на граѓаните и активистите за нивната истрајност и пожртвуваност. Ова е круна на нашата заедничка повеќегодишна борба и претставува успешен пример, но и значаен симбол на граѓанскиот активизам и отпор во изворна смисла.
Владата ги послуша граѓаните и нивните аргументи, ја препозна нивната автентичност, загриженост и револт во борбата за зачувување на животите и чистата животна средина.
Законите на државата мора да се почитуваат, а делата да ги следат ветувањата.
Во конкретниот случај зборот на премиерот Заев даден на граѓаните во југоисточна Македонија денес е исполнет.
Сепак остануваат многу еколошки проблеми кои бараат посветеност и решавање кои се сумирани во барањата на здружените еколошки организации во Зелен Фронт.
Од наша страна изразуваме задоволство зошто правдата е задоволена и апелираме до сите чинители да продолжиме да ги решаваме еколошките проблеми со позитивен пристап.
Оставаме во аманет на следните генерации да ја чуваат здравата животна средина и никогаш да не дозволат рудници на смртта во југоисточна Македонија!“, се вели во соопштението на Здрава котлина.