Предлог-законот за управување со отпад, кој предвидува забрана за увоз на отпад што се користи како извор на енергија, денеска ќе се најде пред пратениците. Измените на законот се дадени во скратена постапка и доаѓаат во време кога се случува голем скандал во Бугарија со фирма во чија сопственичка структура е директорот на депонијата Дрисла, Горан Ангелов, за кого скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска најави негово официјално разрешување.
„Последните случувања во Бугарија само ја потврдија основата зошто бараме забрана за увоз на отпад како извор на енергија. Организирани криминални структури вршат трговија со отпад каде се фалсификуваат податоци, лабораториски вредности, тоа што е декларирано не соодветствува со тоа што е внатре во спакуваните бали, има измешано опасен отпад, медицински отпад, отпадот се остава на несоодветни места, итн. Италијанската мафија оперира во Балканските земји со трговијата со отпад. Сите истраги и запленувања на отпад се случуваат во ЕУ членки, што само укажува на големината на проблемот и ранливоста на нашата држава со немање на соодветна контрола на царина, соодветни инспекциски служби, лаборатории, судски постапки со кои би се заштитила“, апелираат од 02 иницијативата.
Начелно, поддршка за законот да помине во Собрание најавуваат и од владејачката СДСМ и од опозициската ВМРО – ДПМНЕ.
П. К.