Како што беше најавено, на почетокот на 2020 година почна чистењето на затнатиот колектор за заштита на Охридското Езеро од отпадни и загадени води, известуваат од „Сакам да кажам“.
Повеќе години колекторот работи со само 20 отсто од програмираниот капацитет, бидејќи во него долго време не се вршени темелни зафати за нормално функционирање. Затоа не беше чудно што од шахтите излегуваа фекалии, а црпните станици едвај работеа.
Владата најави дека санацијата ќе заврши најдоцна до пролет. Реконструкцијата на колекторот ќе се врши врз основа на претходно изработена физибилити студијата која предвидуваше трошоци од 51 милион евра, но владата тврди дека зафатот кој ќе го изведува новото државно претпријатие „Колекторски системи“, ќе чини значително помалку.
Колекторскиот систем на Охридското езеро е изграден пред три и пол децении и оттогаш е заборавен од сите власти. Не работат препумните станици, постојано има хаварии и излевања во езерото, не функционираат пречистителните станици.