Познати личности и младински активисти денеска имаа средба со претставници на Обединетите нации, претставници на влади и на невладиниот сектор, со што почна кампањата Мисија 1.5 чија цел е да ги приближи ставовите на граѓаните и владите во однос на сеопфатните активности против климатските промени.
Мисија 1.5 има за цел да им даде можност на 20 милиони луѓе од целиот свет да го кажат своето мислење, да дадат предлози за начините за намалување на климатските промени кои сакаат да бидат усвоени од владите во нивните земји. Со кампањата, водена од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), треба да се надминат разликите меѓу граѓаните и владите, прашање кое се повеќе е во фокусот на јавното мислење на граѓаните низ целиот свет, често проследено со училишни штрајкови и масовни протести.
Во основата на кампањата е видео игра на интернет која може да се инсталира на мобилен телефон, и е направена од УНДП со помош на експерти за игри, експерти за климатски промени и за анкети за испитување на јавното мислење. Во играта, учесниците имаат улога на креатори на политики за климатски прашања кои донесуваат одлуки со кои глобалното затоплување ќе се контролира под границата од 1,5 степени целзиусови.
Откако ќе ја изиграат играта, од учесниците ќе биде побарано да гласаат за клучни активности поврзани со климатската акција кои тие би сакале да бидат усвоени. Резултатите ќе бидат анализирани и предадени на владите, кои често немаат пристап до соодветни информации за тоа што мисли јавноста за климатската акција.
Во претходното најголемо меѓународно истражување на јавното мислење за климатските промени учествуваа 10.000 луѓе од 76 земји и беше спроведено пред разговорите за климатските промени предвидени со агендата Париз 2015.
Играта Мисија 1.5 е достапна на https://mission1point5.org/ и може да ја играат луѓето од која било земја во светот.
Во врска со глобалната кампања која почнува денеска, администраторот на УНДП, Аким Штајнер изјави: “Заедно со нашите партнери од приватниот и јавниот сектор, имаме можност преку оваа кампања да поврземе милиони луѓе со нивните влади и да ги вклучиме во иновативна, двонасочна дискусија околу решенијата за климатските промени и да ги подигнеме очекувањата од разговорите за климатските промени COP26 кои ќе се одржат во Глазгов оваа година“.
Мисија 1.5 е развиена од УНДП и партнерите како онлајн платформа која ги подучува луѓето околу климатската акција и ги поврзува со нивните влади и креатори на политики. Кампањата се вика Mission 1.5 бидејќи мора да се одржи лимитот на глобалната температура под 1.5 степени целзиусови.