Од национализам до пандемија, четири години по Шарената револуција

пишува: КЛИМЕНТИНА ЃОРЃИОСКА

Национализмот е штетна општествена појава, алатка секогаш достапна на владејачките структури и моќните елити во борбата  да освојат што поголема народна поддршка за нивните идеи и политики. Национализмот го разорува општественото јадро, како и секој обид за креирање на здраво општество, зашто оние општества коишто се подложни на националистичка доминација и националистички владин дискурс, тие ја охрабруваат или во најмала мера одобруваат  етничката дискриминација, нетрпеливост, предрасудите на етничка основа и на тој начин овозможуваат маргинализација на малцинските етнички структури, неможност за нивна општествена интеграција и така генерираат структурно базирана етничка омраза.

Национализмот како владејачка идеологија беше особено доминантен во периодот од 2006-та до 2016-та година, за време на владеењето на Никола Груевски и неговиот коалиционен партнер Али Ахмети. Груевски и Ахмети беа долгогодишни соработници во управувањето на македонската држава, но и двајцата бесрамно и безобразно пропагираа етнички национализам, супремација на нивниот етникум врз етникумот на другиот, а сето тоа го подгреваа и поддржуваа со изградба на споменици коишто имаа за цел да сведочат за големината и храброста на нивните нации, во чија функција беа речиси сите нивни политики. Сето ова придонесе кон се поголем расцеп, реториката „ние“ и „тие“ стана практика и овие два најголеми етникума беа осудени на неможност за соживот.

Но, оваа темна деценија, кога македонското општество беше заробено во синџирите на националистички дискурс, корупција, криминали, авторитарно владеење, доживеа своја катарза во општественото движење популарно наречено „Шарена револуција“, коешто почна на денешен ден пред четири години.  Ова движење ги смени оските на приоритет на граѓаните, ја потцрта нивната улога во политичките процеси, но најмногу од сѐ влијаеше врз граѓанската одговорност. Бидејќи како во психотерапијата, така и во општеството, одговорноста – иако не е синоним за промена, го носи пациентот односно граѓанинот до почетокот на промените. Шарената револуција беше протест против владеењето на тогашната коалиција. Беше израз на наднационална и надетничка еманципација на граѓанинот, негово ослободување од стегите на национализмот.

Ова движење за промени, доби заеднички именител во средношколците, студентите, професорите, работниците, безгласните, обесправените, па дури и конформистите. „Шарените“ беа Македонци и Албанци, Турци и Бошњаци, Роми и Срби … православни и муслимани, католици и атеисти … Сите заедно, упорно и достоинствено, обединети во својот диверзитет се бореа, граѓанинот да добие активна улога во промените, да се врати вербата во институциите, вербата во правната држава и владеење на правото, и побараа казна за предизвикувачите на малигнитетот на дотогашното општество.  Со тоа граѓанинот ја обои стиропор, а ја урна демократската фасада на авторитарниот систем. Од  пасивен гласач на изборите и партиски послушник,  стана клучна институција на општествените промени, означувајќи го почетокот на она што значи квалитативна реформа.  Со демонстрирање гнев, којшто се претопи во колективна насмевка на надежта, со јавни расправи на отворено, со императивни барања, пасивната политичка култура се активираше. „Шарените“ ја сигнализираа волјата за антионационализам. Тие беа никулците со потенцијал да култивираат општество за сите.

Шарената револуција резултираше со промена во авторитарното владеење, со смена на владејачката гарнитура. Националистичките политики им го отстапија местото на социјалните. Владината практика го прегрна граѓанскиот концепт. Индексот на медиумска слобода од 132-ро се искачи на 95-то место (2019), се  отвори вратата за да се врати слободата на говор.

Но, состојбата е далеку од идеална!

Остана проблемот со младинската миграција!

Остана проблемот со невработеноста!

Останаа отворени бројни економски, еколошки прашања!

Малку видливи ефекти од реформите во македонското правосудство!

Многу темни страни од авторитарното владеење, не се осветлени!

Граѓаните не се задоволни! Но, свесни  се дека работите се случуваат во процес. Не може сѐ, веднаш и сега! Алармираат! Младите луѓе да го добијат местото што им припаѓа во својата држава! Законот да важи за секого! Корупцијата и криминалот да бидат санкционирано минато, за да биде лекција и превенција од идни злодела! Имплементирани еколошки мерки! Не популизам! Долу национализам! Демократија! Човекови права! …

И во моментот кога, турбулентната политичка сцена отстапи простор за вонредни парламентарни избори, останавме заробени на екстремно непозната станица од напредокот. Ни се случи, пандемија „корона – ковид19 – вирус“! Вонредна состојба! Се бројат жртви! Економски колапс! Се губат работни места! Банките нехумано пресметуваат камати! Полициски час! Стоп за сите реформи! Стоп за сѐ, што значи напредок на едно општество! Колку ќе биде ретроградна, оваа стагнација, за сите реформи, коишто толку нетрпеливо ги очекуваме и во кои се надеваме? Ќе видиме!

Green CIVIL

FREE
VIEW