До етницитет преку квалитет

пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА

Не се работи за тоа дали било која од македонските партии ќе коалицира со албанската партија која ќе освои најмногу гласови, туку за тоа кога ќе излеземе од стапицата на етничката ограниченост за да влеземе во просторот на различните идеологии, идеи, можности, решенија за остварување на благосостојбата на граѓаните на Македонија.

Сѐ додека во Македонија не се формира партија врз основа на вредности, наместо етничка припадност државата нема да излезе од среден век.

Сѐ додека некој бара премиер или претседател или министер според етничка припадност, а не според понудена политика и програма, Македонија ќе остане последна дупка во Европа.

Сѐ додека раководењето со институциите на државата се распределува согласно етничка припадност наместо според знаење и умеење и искуство, Македонија ќе биде сојуз на племиња, а не држава.

Сѐ додека образованието не се мери според квалитетот туку според јазикот на кој се изведува, Македонија ќе паѓа на сите листи на едуцираност, писменост и образовна понуда.

Јазикот, културата и традицијата се важни работи, и се дел од идентитетот на индивидуите и групите. Меѓутоа, нивната употреба во дефинирањето на политичката сцена во Македонија нема врска со нивната заштита, промоција или практикување. Има врска со дефокусирање на вниманието од проблемите на секојдневното живеење, од одговорноста на политичарите, има врска со премачкување сѐ со иста боја за да не се види трулежот, и со поставување кичести светлечки реклами на турбо-фолк партиите.

До сега етницитетот е искористен единствено за тоа зад него да се скрие неквалитетот, незнаењето, неискуството, измамата. Правичната застапеност е изговор кој го користат сите партии за изигрување на правото, а мавтањето со знамињата е успешна формула за маскирање на отсуството на позитивни резултати.

За мене нема политичари Албанци или Македонци или …

Има криминалци и политичари од најразличен етницитет и (не)вера.

Овие вториве можам да ги избројам на прстите на една рака.

 

This post is also available in: English

Green CIVIL

FREE
VIEW