Светски ден на животната средина

Под мотото „Време е за природата“ (#ForNature) денеска се одбележува Светскиот ден на животната средина 5 јуни кој е значаен меѓународен ден за подигнување на свеста за зачувување на животната средина кој пак се одбележува од 1974 година.

Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП) како и многу невладини организации, заедници и влади во повеќе од 150 држави во светот годинава овој ден го одбележуваат со различни онлајн настани, а домаќин на официјалната манифестација годинава е Колумбија во соработка со Германија. Годинава во фокусот е биодиверзитетот којшто бара итна заштита но и е од витално значење за опстанокот на човекот.

Кон овие пораки се придружи и Македонското еколошко друштво МЕД и потсетува дека биодиверзитетот во делови од земјава е исклучително важен за зачувување не само од аспект на национално богатство туку и заради неговото европско и светско значење.

-Здрава планета е основа за здраво општество и треба да извлечеме поука од оваа криза. Вештините кои ги стекнавме изминатите месеци за новите начини на комуникација и спроведување на работните обврски и штедливото користење на ресурсите се надевам ќе внесат нов фокус на нашиот живот свртен кон природата. Време е да се тргнеме од линеарниот економски модел кој е неодржлив со преголемо користење на ресурси и создавање преголеми количини отпад, и преку иновативни зелени бизниси да се преориентираме кон циркуларната економија – ќе користиме помалку ресурси и енергија и со тоа ќе го заштитиме нашето природно богатство, изјави извршната директорка на МЕД, Робертина Брајаноска.

Мрежата на заштитени подрачја вклучува 86 подрачја, на површина од 230,083 хектари или околу 8,9 проценти од територијата на Република Северна Македонија. Според Стратегијата за биолошка разновидност 2018-2023 земјава треба да ја зголеми површината на заштитени подрачја до 15 отсто и да се обезбеди нивно функционално поврзување како еколошка мрежа и да се воспостави ефективно управување со заштитените подрачја во соработка со локалните заедници.

Животниот стил и технологијата имаат сериозни последици врз животната средина, затоа треба да размислиме како може да ја зачуваме животната средина и да го намалиме отпадот. Според експертските проценки, на годишно ниво светот губи 27.000 видови, а доколку овој тренд продолжи, во следните 30 години би загубиле 25 проценти од живите организми, односно, една четвртина од сиот жив свет на Земјата.

Please follow and like us:
Green CIVIL

FREE
VIEW