пишува: ДЕХРАН МУРАТОВ / ЦИВИЛ МЕДИА
Техничкиот министер за внатрешнини работи, Наќе Чулев, во изминатите неколку дена (пред изборите) истакна дека полицијата приведе лица за „вршење поткуп“ блиски до СДСМ и речиси во сите случаи нагласи дека се работи за Роми (никаде во изборниот законик не пишува дека треба да ја истакне етничката припадност на тие што даваат или примаат поткуп).
Тој обвини дека и високи претставници на СДСМ вршеле поткуп, меѓутоа никој не знае за кои случаи се работи, единствено во неколку медиуми блиски до ВМРО ДПМНЕ ја прошириле информацијата дека двајца градоначалници на СДСМ делат изборен поткуп и дека полицијата е во потрага по еден од нив. Истата информација ја демантираше заменик министерката за внатрешни работи, Славјанка Петровска.
Последниот случај за кој извести Чулев на неговиот Фејсбук профил е дека полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Велес извршиле претрес во домот кај лицето А.М. (35) при што се пронајдени и одземени еден мобилен телефон и повеќе листови од тетратки на кои рачно имало напишано список од околу 250 лица со лични податоци и матични броеви, од лица од ромска националност…
Она што е симптоматично е дека Чулев објави (очигледно) постара фотографија од еден човек кој држи пари (евра) во рака, пришто се добива впечаток дека е од акцијата во Велес. Меѓутоа, Чулев во ниту еден случај не кажува дека се пронајдени пари кај посоченото лице.
Нема да навлегувам во тоа дека лицата се осудени уште пред да се осудат, оти нели презумција на невиност е мисловна именка за партијата од каде што доаѓа, бидејќи во минатото бевме сведоци како екс-минисерката за внатрешни Гордана Јанкулоска ги осудувала лицата уште пред да бида осудени од ОЈО.
Меѓутоа, зошто Чулев имаше потреба да нагласи дека се работи за Роми? Која е целта на таквите изјави? Досега не прочитав дека министерот Чулев изјавил дека фатиле лица што делеле или примале поткуп на Македонци, Албанци, Турци итн…
Со ваквите изјави на Чулев само се зацврстува стеротипот и предрасудите кон ромската етничка заедница, дека Ромите се „ефтини“ и може да се купат со 500 денари.
Но, денес има доста едуцирани Роми кои знаат дека тие „500 денари“, всушност се нивни пари. Прашањето е, може ли некој да те „поткупи со твоите пари“?
Време е да се стави крај на ваквите изјави полни со предрасуди, бидејќи со тоа само се хранат националистите и го зголемува и поттикнува говорот на омраза кон ромската заедница.