Пандемијата на ковид-19 го стави светот пред нови искушенија. Економиите, здравствените системи и образованието се во создавање на навики од „новото нормално“, кое пак, никако не смее да ја заобиколи животната средина и борбата со климатските промени. Сѐ погласни се апелите дека пандемиите се неизбежното зло кое нѐ очекува во иднина, доколку економијата, но и политичката волја не ја насочиме кон зелениот развој.
Здравата животна средина одамна ја сметаме како еден од столбовите на демократијата и човековите права, а сега тоа владите во светот ќе мора да го докажат и со конкретна акција. Тие ќе мораат да постават поамбициозни цели за намалување на емитирањето на стакленички гасови, а тоа ќе имаат можност да го направат на следниот Самит за климатски промени.
И Европската Унија, која е своевиден лидер во климатските политики, може да постави поамбициозни цели и има ресурси и технички капацитети да ги реализира. Двете најголеми еколошки мрежи во Европа докажаа дека таргетот на ЕУ од 40 отсто намалување на емисиите на стакленички гасови до 2030 година е скромен, и дека ЕУ може да достигне 65 отсто намалување и целосна климатска неутралност со нула емисии на стакленички гасови до 2040 година, без да се остава простор за сценарио кое вклучува фосилни горива, што треба да е принцип во климатските и енергетски сценарија.
Големи промени на сите нивоа во општеството, во деловните, но и во политичките акции, се итни и потребни за да се избегнат разорните ефекти од климатските промени и деградацијата на животната средина. Фондацијата за демократија на Вестминстер предупредува дека неопходни ни се ефективни и одговорни демократски институции, одговорни системи на управување и силна политичка волја. Иако многупати докажавме дека човечката активност има опасно влијание врз климата и нашите екосистеми, сепак, повеќето политички системи не успеваат да ги решат еколошките кризи. Ефикасното управување со животната средина и владеењето на правото се клучни за поддршката на одржливиот развој како и за инклузивно демократско управување.
Пандемијата на ковид-19, според Антонио Јовановски од граѓанската организација „Гоу грин“, укажа дека човештвото тешко се справува со кризи и нагли промени, дека општествата се многу ранливи и дека економскиот модел е неодржлив и нефлексибилен. Светот генерално е во здравствена, економска, климатска и еколошка криза, а сите се меѓусебно поврзани. Климатската и еколошка криза, особено во земјите од Западен Балкан, се тесно поврзани со загадувањето на воздухот, а тоа е поврзано со здравствената криза, односно зголемена ранливост на ковид-19 вирусот и повисоки стапки на смртност.
„Економскиот модел кој се базира на раст и се мери со БДП е во директен конфликт со намалување на климатските промени, бидејќи во моменталниот систем, економски раст значи и зголемување на емисиите на стакленички гасови. Врзани сме во модел кој сам себе се поддржува и забрзува, и доколку не преземеме поамбициозни и похрабри одлуки, особено во делот на намалување на емисиите на стакленички гасови и прилагодување на климатските промени, може да се најдеме во уште поранлива состојба од сега“, смета Јовановски.
Акциите кои ги преземаат владите на земјите потписнички на Договорот за климатски промени од Париз во моментов не се доволни за да обезбедат иднина во која ќе се заштитиме од пандемии и еколошки катастрофи. Елена Николовска од „Еко свест“ вели дека ревизијата на Националните придонеси за клима во Обединетите нации покажува дека со активностите кои ги планираат владите загревањето на планетата ќе достигне и до четири Целзиусови степени, иако целта е 1,5 степени.
Досега, дополнува Јовановски, затоплувањето достигнува околу еден степен и доколку продолжиме со ова темпо и овие амбиции, ќе ја надминеме зацртаната граница за десетина години, со што ќе се активираат неповратни процеси како, на пример, топење на мразот во Сибир, што ќе ослободи огромно количество на метан, најмоќниот стакленички гас.„Секоја земја мора да ги зголеми своите амбиции и да ги исполни своите обврски. Македонија мора да го забрза и зголеми производството на енергија од обновливи извори, активно да работи да се намалат емисиите на стакленички гасови, земјоделското земјиште да престане да станува градежно или индустриско. Земјава сѐ уште нема воспоставено ефикасен систем за селектирање и третман на отпадот, а новите закони само површно го решаваат, што е голем проблем. Се предвидува систем за поделба само на мокар и сув, што е праисторија во третманот на отпад, наместо да се стремиме кон вистинска селекција и од него да искористиме што повеќе можеме како секундарна суровина“, смета Николовска.
„Економскиот модел мора да се реобмисли и да се изнајде нов индикатор за успех наместо БДП, бидејќи тоа што денес го мериме како економски успех, вклучува и сечење на шуми и болни пациенти кои купуваат лекови. Моменталниот економски модел е во директен конфликт со социо-еколошката трансформација, што е уште еден клучен процес, и означува заштита на животната средина со принципи на социјална правда и еднаквост. Моменталниот економски модел го зголемува јазот помеѓу богатите и сиромашните и во услови на криза, сиромашните се погодени најмногу, а најмалку имаат придонесено за кризата. Мора да имаме модел кој ќе биде базиран на споделување, еднаквост и солидарност. Конкретни примери на овој модел имаме во енергетските задруги кои се предводници на енергетската транзиција во Европа“, смета Јовановски.
извор МЕТА