Скриен национализам под граѓански активизам

Откако се определија протоколите за однесување за време на пандемијата со Ковид-19, односно превенцијата од ширење на вирусот, голем број граѓани забележуваат непочитување на мерките, групно и индивидуално. Некои тоа го споделуваат во потесен круг, некои го пријавуваат во соодветните институции, некои се решија тоа да го прават со објавување на социјалните мрежи, најчесто со едукативна и добра намера, да се повикаат на одговорност сите што го нарушуваат и ги ставаат во опасност животите на другите со непочитување на мерките за заштита.

Семејните собири, журки, свадби, родендени со голем број учесници во време на пандемија се забранети, но тоа како да не допира до се поголем број граѓани. Ваквите собири се мета на новинарката Мирослава Бурнс, која овие појави ги објавува на својот фејсбук профил, поткрепени со видеа од местата на настаните. Еден од случаите е и една свадба во ресторан во Тетово. Новинарката објавила видео од веселбата, коешто претходно било објавено на Фејсбук профилот на еден од гостите на свадбата. И потоа неколку од гостите на веселбата и се заканиле во инбоксот на нејзиниот профил. Новинарката јавно ги објави заканите на својот профил, и ги пријавила во полиција. Во нејзина одбрана застанаа ЗНМ, ССНМ, АВМУ, многу граѓани, како и претседателот на РСМ, Стево Пендаровски. Од МВР дури и беше обезбедена физичка заштита пред нејзиниот дом. По објавата на новинарката, ресторанот во Тетово е затворен од надлежните органи.

Но, според најновите објави на Бурнс, заканувачите од свадбата во Тетово не се приведени, па следствено на тоа и не се казнети и покрај сите повици од новинарката и пријавениот случај во МВР. Во обид на уште еден повик за преземање мерки кон заканувачите и јавно укажување на односот на надлежните државни органи кон обичните граѓани и граѓаните на високи државни позиции, Бурнс и се обрати на јавноста и на институциите со нова објава на Фејсбук.

„Кога на Оливер Спасовски некој од заедница во Германија ќе му се закани по безбедноста и животот, тогаш тој со ПОТЕРНИЦА Е АПСЕН НА АЕРОДРОМ, а јавен обвинител го пишува обвинителниот акт за 15 минути! Кога некој ќе и се закани на Мирослава по животот и безбедноста, тогаш Мирослава се сели во друга куќа, ги носи сите пари во банка, прави попис на цела електроника и размислува кај да фати џаде зашто никој не е однесен ни во станица! ИМА РАЗЛИКА! Oвие па од американска амбасада ми советуваа да ја напуштам државата и да се вратам во САД. Можда се у право.“

На оваа објава и претходи една поинаква, оригиналната, на којашто новинарката јасно си ги изразува своите (благо речено) стереотипни гледишта, односно својот оригинален став што се однесува до другите националности од земјава, поточно, кон Албанците, коишто ги нарекува „племенска заедница“.

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ забележа дека новинарката ја едитирала оригиналната објава по реакција во коментарите под објавата, а коментарите со реакциите се избришани. Но историјата на едитирање е видлива доколку се кликне, така што тоа што таа се обиде да го покрие, сепак остана нескриено.

Со стереотипизирањето и супериорната поставеност кон заедница на којашто не и припаѓа, новинарката го замаглува и минимизира заканувањето, и несоодветното, или отсуството на акција од надлежните институции.

Мониторинг тимот на Цивил ги следи појавите на говор на омраза, национализам, лажни вести и дезинформации и ги архивира и објавува на медиумската платформа на организацијата.

Мониторинг тим на ЦИВИЛ

Please follow and like us:
Green CIVIL

FREE
VIEW