Вчерашната страшна несреќа во главниот град на Либан, Бејрут го вознемири целиот свет. Малку познат факт е дека склад со опасни и експлозивни материи до неодамна имаше и на само неколку километри од Скопје.
На имотот на компанијата Макпетрол меѓу населените места Даме Груев и Ново Село до пред само една година беа складирани неколку тони гориво застарено ракетно гориво за градобијни ракети во сопственост на АД „Теас-Темко“.
Големата количина опасни и експлозивни материјали неколку години претставуваше едно од најголемите загадувачки жаришта за животната средина, но и за безбедноста и за здравјето на граѓаните, особено ако се знае дека ракетното гориво е лесно запалливо а неговата количина доволно голема да предизвика слична несреќа како онаа во Бејрут.
Во ноември минатата година, Владата преку Генералниот секретаријат успеа да го отстрани ова штетно гориво од околината на Скопје.
„Генералниот секретаријат, постапувајќи по заклучок на Владата, врз основа на договорот со единствениот понудувач Тrayal корпорација АД „Крушевац“ – Република Србија, конечно ја отстрани надвор од границите на државата големата количина опасни и експлозивни ствари што претходно беа во сопственост на АД „Теас-Темко“ на имотот на АД „Макпетрол“ во Скопје“ соопштија тогаш од Владата.
Со тоа, Република Северна Македонија целосно бесплатно се ослободи од опасното и штетно гориво кое беше транспортирано во Република Србија, со што се отстрани опасноста некогаш да ни се случи несреќа како онаа во Бејрут.