Со Виолета Димовска, граѓанска активистка, Зелен ЦИВИЛ разговараше на тема зелени вредосни, нивна промоција и негување, како можни решенија што би придонеле за граѓанско активно учество во подобрување на општата перцепција, едукација и јакнење на јавната свест.
„Зелените вредности во нашата земја најмногу се почитуваат и промовираат од граѓанските организации. Тие се најмногу активни во подигнување на јавната свест, додека институционално, системски овој проблем останува да се провлекува низ годините. Не дека институциите не се заинтересирани за поинаков пристап, но фали ефикасен модел што ќе се спроведе во пракса и тој да биде ефективен и ефикасен. Доаѓам од организацијата Еко-свест, како регионален координатор за Вардарски регион, преку која направивме коалиција со 11 граѓански организации за климатските промени. Целта е на поефикасен начин да се делува на јавната свест дека животната средина е клучниот сегмент во човековото живеење. Природата ни враќа на истиот начин на кој ние и пружаме, таа тоа го рефлектира и можеби не денес, не утре, но по години враќа со неадекватни и неповолни климатски промени. Кога би прашале било кој човек во моменталната политичка ситуација во земјава, што би му било приоритет да го реши како проблем, скоро секој ќе одговори дека тоа е сиромаштија, економија, социјала, правда, како најгорливи проблеми во една држава. Луѓето се многу малку свесни за животната средина и дека секој поединец со многу малку може да направи многу. Има безброј примери во секојдневното живеење што со промена на навиките тековно можат да придонесат за заживување на зелените вредности“, вели Димовска одговарајќи на прашањето колку зелените вредности се промовираат во нашата земја и дали постои свесност за нивно негување и практикување.
Димовска смета дека образованието има исклучителна улога во градење на овие вредности и дека институциите треба да најадат систематско решение и ефикасен модел за промени во образовниот систем.
„Актуелната ситуација со пандемијата ни покажува дека човештвото сѐ повеќе и повеќе се соочува со покомплексни и покомплицирани закани за кои мора да биде подготвено да се соочи. Затоа мислам дека во институциите сѐ повеќе има потреба да се ангажираат лица што ќе бидат стручни во областа на кризен менаџмент кои ќе бидат спремни систематски да одговорат на посложени проблеми, како што е со вирусот Ковид-19 што сите не фати неспремни. Општеството поминува низ големи трансформации. Мислам дека и образовниот модел тука треба да се менува и напредува. Треба да се негуваат генерации кои би биле спремни да одговорат на климатските промени и на заштита на животната средина. Моја иницијатива и предлог до новата влада некако институционално да се заложат сите засегнати страни, вклучувајќи го министерот за образование и директорот за заштита и спасување, за донесување Правилник за обука и едукација за самозаштита за изготвување програми или во редовните предмети или како посебен предмет за едукација, теориски и практични вежби за запознавање со животната средина, како да ја заштитат, како може да и наштетат, што може да се направи за да имаме чиста животна средина за да имаме поздрав и поубав живот“, истакна Димовска, како предлог решение за заедничко дејствување на заштита на животната средина.
Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски