Јавна кампања за прогласување на Шар Планина за национален парк започнуваат со спроведува Центарот за едукација и развој (ЦЕД) во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Програмата за животна средина на ОН (УНЕП).
Кампањата, како што информираат од МЖСПП, на терен ќе се спроведува со директно вклучување, информирање и консултирање на локалното население, приватните бизниси и сите засегнати страни кои гравитираат на подрачјето на идниот национален парк, со цел да бидат добро информирани и запознаени што претставува национален парк, кои се придобивките, вклучувајќи ги и социо-економските аспекти и зошто Шар Планина треба час поскоро да се заштити со закон.
Од МЖСПП информираат дека кампањата ќе започне со „Патувачко кино“ во руралните средини на идниот национален парк со проекција на промотивното видео и дискусија со локалното население, а ќе продолжи со организирање тематски форуми со засегнатите страни на различни теми, како што се ловството, туризмот, руралните активности и др.
За подобро разбирање на процесот, ќе биде спроведена и јавна презентација на Студијата за валоризација на Шар Планина, а ќе се обезбеди и поголема застапеност на темата во медиумите преку гостувања и интервјуа со експерти од различни области, редовни брифинзи на новинари за процесот, како и објавување на колумни на експерти и поддржувачи.
За подобра презентација на Шар Планина и на нејзините убавини за кои се слуша надалеку, ќе бидат организирани прошетки низ природните убавини на Шар Планина, ќе се изработат и фотоприказни од успешни локални претприемачи и истите ќе бидат споделени во социјалните медиуми.
Кон кампањата се приклучуваат и организациите од платформата „Пријатели на Шара” преку конкретни активности на терен и медиумска промоција, а од МЖСПП информираат дека добредојдени да се вклучат со свои активности се и сите други организации кои ја изразија својата желба да го помогнат процесот со потпишувањето на меморандумот за соработка.
На веб страницата на МЖСПП се објавени документите поврзани со процесот и се достапни на следниот линк: https://bit.ly/3l6Ek3R
Јавната кампања за прогласување на Шар Планина за национален парк се спроведува во рамки на проектот „Постигнувањето на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање на користење на земјиштето”, финансиран од Глобалниот фонд за животна средина (ГЕФ), а имплементиран преку Програмата за животна средина на Обединети Нации (УНЕП), регионалната канцеларија во Виена и Министерството за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија како главен партнер и корисник. Центарот за едукација и развој (ЦЕД) е локален партнер одговорен за спроведување на Јавната кампања. Дел од активностите се поддржани и од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), а во спроведувањето се вклучени и Македонско еколошко друштво (МЕД) и платформата „Пријатели на Шара“