пишува: ГОРДАН СТОШЕВИЌ
Камуфлирани зад патриотизмот, одредени политички структури, без никаква идеолошка поткрепа, политичка култура, и на крајот на краиштата, морална вертикала, со години наназад јавниот простор го користат за пресметка со нивните неистомисленици. Предмет на опскурни опсервации на ваквиот корпус со години наназад се т.н. предавници на родот свој македонски.
Опасна реторика со која се користат, како оние внатре меѓу ѕидините на овој единствен темен вилает во Европа (за чии вредности толку многу се залагаат), така и оние однадвор, распрскани по сите континенти, по род Македонци, а по дух душегрижници. Овие егземплари на вишокот патриотизам, за кој добро знаеме што претставува, не се срамат јавно да повикаат на пресметка со Јудините синови на Искариот, кои за дваесет сребреници ги продаваат националните интереси на Македонија.
Дури се во состојба да формираат одреди на платени асасини кои со оружје в рака ќе делуваат против ваквите „субверзивни елементи“, и сето тоа во име на правдата која ги повикува своите синови да застанат на браникот на татковината пред внатрешниот непријател. Така, многу по род Македонци возљубени во „Бога“, се подготвени како во старите добри времиња да кренат рака на браќата кои во македонска Гетсеманија за дваесет сребреници се продале на окупаторите. Повторно да брат од братова рака (кама) страда.
За да биде трагедијата уште поголема, мнозинството по род Македонци кои децении, па и векови наназад, преку нивните предци, кои слугуваат на истите западни империјалисти, длабоко укотвени во тамошната комфорност, денес повикуваат на одлучна борба против домашните предавници, притоа не штедејќи на капиталистички долари за таа цел. Но, како и да е, секогаш по правило целта ги оправдува средствата. Од друга страна пак, ние малкумината кои со време го напуштивме бродот кој забрзано тоне, денеска сме на удар не само на „големата“ македонска дијаспора која за век и пол постоење не успеа да создаде моќно лоби по примерот на израелската, грчката или ерменската, поради немање на висока космополитска свест за нејзиното постоење, туку и на оние кои навидум останаа долу да се „борат“ против безнадежноста која како темен облак се надвиснала над државата, чиј народ е осуден на исчезнување само поради незнаење, како што одамна рекол старозаветниот пророк Осија.
Во ваква состојба на духот и на колективна свест, на апологетите на патриотизмот како општествена одговорност, не им преостанува ништо друго освен да се повикуваат на единствената категорија која ќе го одржи историскиот континуитет на нацијата, а од таму и на државноста, без притоа да се погледнат и останатите чинители на сувереноста, која одамна е изгубена, меѓу другото и економскиот суверенитет кој столб на историскиот дијалектички материјализам.
Тие не се срамат денес да говорат како државниот суверенитет и националниот идентитет се засекогаш изгубени со рамките на Охридскиот и Преспанскиот договор, но без притоа да кажат дека отуѓувањето на општествениот капитал и негово концентрирање во рацете на империјалистите, претставува исто така губење на суверенитетот. Истиот оној суверенитет кој се градеше со децении како резултат на придобивките од НОБ, која пред сè претставуваше израз на класна борба со симнување на буржоазијата од власт, а потоа и антифашистичко ослободување. Наместо тоа, бранителите на сувереноста се повикуваат на родољубието како духовна утеха, реликт на едно време во кое се конституираа нациите. Во тој контекст, ќе го споменам само Џејмс Босвел, главен масон на Високата Шкотска ложа, инаку биограф на познатиот англиски драматичар, есеист, книжевен критичар и моралист, Семјуел Џонсон, кој за патриотизмот ќе рече дека е последното прибежиште на скитачите.
Некои денешни наши патриоти и родољуби не се воздржуваат да кажат дека се застапници на левата прогресивна идеја, но во исто време и поборници на суверенизмот, што е во ред, но, притоа без да се почитуваат различностите кои се привилегија за секое граѓанско цивилно општество, онакво какво го замислува Жан Жак Русо. Тој во далечната 1754 година во еден свој политички есеј како одговор во делот на Дискурсот за нееднаквоста ќе напише:
„Првиот кој се оградил на парче земја рекол: ова е мое и нашол луѓе доволно наивни да му поверуваат, дека тој човек е вистинскиот основач на цивилното општество. Но, чувајте се од овој преварант, бидејќи нема да бидете ништо ако само еднаш заборавите дека плодовите од земјата ни припаѓаат на сите нас, а самата земја никому.“
…за да подоцна во 1762 година во друг политички есеј, во првиот трактат од текстот наменет за Дискурсот на политичката економија напише:
„Човекот се раѓа слободен, но насекаде го има со синџири. А оние кои себеси се сметаат за господари на другите, се навистина поголеми робови од нив.“
Русо го критикува Хобс, кој тврди дека човекот во состојба на природа нема поим од добрина, па затоа мора да биде природно злобен, да биде маѓепсан, бидејќи не познава доблест. Русо вели дека само во цивилното општество човекот може да се оплемени користејќи го разумот, и дека преоѓањето од состојба на природа во цивилна состојба, произведува многу големи промени во човекот, менувајќи го инстинктот во неговото однесување со морал кој порано му недостасувал.
Русо тврди дека состојбата на природа е примитивна состојба на закони и морал, која човечките битија ја оставиле поради користа и нужноста од соработка. Русо за разлика од Хобс понатаму тврди дека, сепак со здружувањето во цивилно општество и откажувањето од своите природни права, поединците можат да ја зачуваат својата слобода. Тоа е така затоа што со потчинувањето на авторитетот на општата волја на луѓето во целина им гарантира на поединците дека не се подредени на волјата на другите, и така осигуруваат меѓусебна почит, без притоа да се покорат сами на себе, бидејќи заедно се автори на законот.
Русо сепак вели дека суверенитетот (или моќта на носење закони) треба да биде во рацете на народот, но исто така прави остра разлика помеѓу суверенот и владата. Владата ја чинат магистрати, кои се задолжени за спроведување на општата волја. Суверенитетот пак е владеење на законот, за кој идеално одлучува директната демократија во Собранието. Меѓутоа, Русо се спротивставува на идејата дека народот треба да спроведува суверенитет преку репрезентативно собрание без врховни критериуми за еднаквост, затоа што општата волја тогаш станува бесмислена.
Идејата за volonté généralé (општата волја) првобитно не му припаѓа на Жан Жак Русо, туку на Дидерот и Монтескје, а во аспект на републиканската традиција од порано и на Спиноза, од кого Русо се разликува во некои важни аспекти. Сепак заедничко им е инсистирањето за важноста на еднаквоста. За Русо општата волја е резултат на волјата на народот, која е демократска, и затоа граѓаните на една нација треба да извршат какви било активности што сметаат дека се неопходни за своето суверено собрание.
Дури и Робеспјер за време на владеењето на теророт, кој се смета себеси за егалитарен републиканец, должен да се оддалечува од корупцијата, бил највеќе инспириран од Русо. Според него, недостатоците кај поединците биле исправени со зачувување на „општото добро“ што тој го конципирал како колективна волја на луѓето; идеја изведена од Општата волја на Русо. Револуционерите исто така биле инспирирани од Русо да го воведат Деизмот како нова официјална религија на Франција. Но, за разлика од нив, многумина денес во Македонија надвор од општата волја на народот, на кој пак слаткоречиво се повикуваат, сакаат преку државата да му го наметнат својот авторитет како нужност во зачувувањето на „суверенитетот“.
Одат дури до таму да бидат контрадикторни во своите ставови по прашањето за евро-атлантските интеграции, кои колку и да сака некој да ги раздвои во два одвоени ентитети по примерот на Австрија, Ирска и некои Скандинавски земји, овие два блока во својата природа длабоко ги содржат заедничките интереси на капиталот, кој непосредно ги обединува, и покрај разноразните идеи за exit кои претставуваат историски политичко-економски оксиморон.
Погледнете ги само популистичките восклици за независност на Каталонија и Шкотска, каде тоа не е израз на општата волја на народот, туку на буржоазијата, нешто што нашите суверенисти не можат да го видат, или не сакаат. Но затоа пак во својата популистичка реторика не пропуштаат да побараат ваквите корпоративни проекти како ЕУ да се реформира, наместо да бараат негово уништување. Ова е доказ за нивното политичко лицемерие кога говорат дека се анти-империјалистички настроени, што е повеќе одраз на идеолошка аномалија.
Да биде иронијата комплетна, тука се и политичките номенклатури кои во својата европска платформа заговараат обединување на својот национален корпус, притоа јавно промовирајќи ја во своите маршеви за демократија империјалистичката симболика, знамиња на двата најголеми хегемони, но и на странска држава, освен се разбира знамето кое припаѓа на земјата која сакаат да ја интегрираат во ЕУ, или подобро речено дел од неа.
И едните и другите тераат своја политика водена од тесно партиски интереси, додека земјата тапка во место децении наназад поради немање заеднички цели и визии за иднината. Повеќе од наивно е да се верува дека политичките елити во земјата имаат интерес од потполна интеграција на истата, од проста причина што тие никогаш не биле во ситуација да даваат некому отчет за сработеното, нешто што произлегува од општата волја на граѓаните, на чие мислење се повикуваат само за време на избори.
Затоа, крајно време е да сфатат сите општествени и политички чинители во државата, дека премногу драгоцено време е изгубено за позиционирање во глобалниот свет, кој во моментов се наоѓа пред голем предизвик од нова глобална економска криза, која засекогаш ќе ја промени перцепцијата за поимање на суверенитетот во време на потполно глобализиран капиталистички свет.