Цените за струја наспроти просечните плати во европските земји

Одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за зголемување на цената на струјата за 7,4 отсто предизвика лавина реакции во јавноста. Реагираа скоро сите општествени чинители, од претставници на политички партии, преку здруженија и синдикати па сè до анонимни корисници на социјалните мрежи. Сите со свои ставови и математики. Но, се чини дека најгласен е аргументот дека цената на струјата во земјава е меѓу највисоките во Европа ако се смета како процент од просечната плата.

Ваквиот аргумент за Мета.мк го коментираа неколкумина експерти за енергетика и за економија. За енергетичарите нема дилема дека овие две бројки се неспоредливи. Тие, по сè изгледа дека ја доведуваат во прашање стабилноста на електро-енергетскиот систем односно непреченото функцнионирање на енергетските комании со покачувањето на цената на струјата.

Според нив, електричната енергија не е наше природно богатство кое го имаме во изобилство, туку е пазарен производ што котира на берза, се купува и се продава на слободниот пазар, а крајната цена зависи од многу индикатори.

Економистите, пак, велат дека секогаш мора да се споредуваат цените, на сите производи, не само на струјата, со примањата на граѓаните. Особено треба да се внимава, велат тие, со покачувањето на цените за време на здравствената криза со корона вирусот и нејзиното влијание врз вработувањето и пазарот на трудот.

Поранешниот претседател на Регулаторната комисија за енергетика, Славе Ивановски, за Мета.мк вели дека енергетскиот систем мора да функционира и да ги снабдува непречено корисниците додека за социјалниот елемент и куповната моќ треба да се грижи државата.

„Секое врзување на цената на струјата со просечната плата е небулозно“, вели Ивановски, додавајќи дека не може да се прави корелација и да се става акцент на висината на просечната плата со крајната цена што е вградена во сметките на граѓаните.

Според Ивановски, треба да се потенцира енергетската ефикасност, потребите на енергетските компании кои се одговорни за одржување на електроенергетскиот систем, за нормално производство, дистрибуција и пренос на енергијата.

„Тие мораат да функционираат и да ги снабдуваат корисниците со струја редовно. А, тоа не е можно ако се под притисок да одржуваат ниска цена и да прават споредби со платежната моќ на граѓаните“, вели поранешниот претседател на РКЕ.

„За социјалниот елемент од цената на струјата треба да се грижи државата, со разни мерки и субвенции. Тоа е нејзина грижа, а не на Регулаторната комисија и на енергетските компании (ЕСМ, ЕВН и МЕПСО)“, додава тој.

Ивановски, слично како во денешното соопштение на Операторот на електропреносниот систем на Република Северна Македонија А.Д. МЕПСО, посочи дека за некои луѓе не е проблем да „плаќаат високи сметки за мобилен телефон, а секогаш е проблем сметката за струја“.

„Телефонот не е клучен фактор за живот, струјата е “, вели Славе Ивановски, енергетски експерт и поранешен претседател на РКЕ.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ, пак, е со спротивен став. Тој вели дека секогаш мора да се споредуваат цените, на сите производи, а не само на струјата, со примањата на граѓаните.

„Секогаш мора да се гледа и куповната моќ на луѓето“, вели Јовановиќ додавајќи дека „не може да се бараат европски цени во држава што има најниски плати во Европа и највисока невработеност и сиромаштија“.

Според него, економските одлуки не смеат да се гледаат само низ призмата на профитот на фирмите. Особено не во услови на најголема криза во поновото време, кога илјадници луѓе остануваат без работа и плати и тонат во сиромаштија.

„И да треба да се покачи цената на струјата, нека се направи тоа кога ќе помине кризава, нека се почека до наредната година“, посочува тој.

Од друга страна, и за научниот соработник за енергетика и животна средина на МАНУ, Александар Дединец, споредбата на платите со цената на струјата е чудна.

Тој смета дека споредбата на платите и на цените на струјата со други држави е неоснована бидејќи тие држави имаат сопствено големо производството на стуја, високи плати и поголема куповна моќ.

„Нелогично е економски експерти да анализираат врски меѓу платите и цената на струјата. Тоа е само еден аспект. Треба да се земаат во предвид многу индикатори, наназад неколку години, за да се види и движењето на просечната плата, затоа што и таа расте“, посочува Дединец.

Според него, непотребно се прави политика од одлуките кои ги носи РКЕ, според утврдена методлогија, кој не се менува и кога се намалува и кога се зголемува цената на струјата, односно е врз основа на пријавени приходи, трошоци и инвестиции на енергетските компании.

Тој додава дека сега компаниите имаат намалени приходи поради состојбата со корона кризата и бараат корекција затоа што мора непречено да работи енергетскиот систем и да биде стабилен.

„Моментот е тежок, но, државата е таа што треба да мисли на социјалниот елемент за ранливите групи граѓани. Не треба да се доведеме во состојба да мора да увезуваме повеќе струја, која е скапа и се купува само со девизи, што ќе донесе несакани економски ефекти“, предупредува Дединец.

Со свои објаснувања за причините за зголемувањето на цената на струјата денеска излегоа и МЕПСО и ЕСМ. Од МЕПСО посочуваат дека нивната тарифа е намалувана  6 години по ред поради што е доведена во прашање ликвидноста на компанијата и нејзиното функционирање.

За споредбите на платата и цената на струјата велат дека се „погрешни и водат кон погрешни заклучоци кои немаат економска логика туку оставаат впечаток дека критиката е неконструктивна“.

Од АД ЕСМ, пак, најавуваат дека веднаш по формирање на владата ќе предложат формирање на енергетски солидарен фонд за поддршка на социјално ранливите групи граѓани.

Во интервју за Тв 24 генералниот директор Васко Ковачевски изјави дека се размислува за формирање на енергетски социјален пакет, односно количество на струја која ќе биде донирана на ранливите категории граѓани.

извор МЕТА

Green CIVIL

FREE
VIEW