Пишува: Јане Ѓорѓиоски
Размислувања на тема…
Перцепции
Мета на национализмот кај нас за жал се сите, и од поголемите етнички заедници и од помалите етнички заедници, со една напомена дека национализмот кон помалите етнички заедници е доста поизразен. Особено национализмот кон ромската заедница, и мислам дека во нашето општество таа заедница е најмалку заштитена и покрај сите напори што се прават и од властите и од невладиниот сектор, ромската заедница е нај незаштитена. И некако кон ромската заедница најлесно се изразува тој национализам.
Национализмот се манифестира во нашето општество пред сѐ вербално, преку говорот на омраза. Од една страна тоа е можеби она помалото лошо, ако гледаме во другите земји околу нас, се манифестира и со физичко насилство. Најболен говор на омраза кај нас сепак е помеѓу двете најголеми етнички заедници меѓу македонската и албанската и покрај трудот што се вложува кај политичките партии на некој начин да воведе некоја инклузивност помеѓу двете најголеми етнички заедници сепак тоа многу тешко оди.
Корените на национализмот се во домашното воспитување, па во образованието се надоградуваат и прошируваат, поттикнати од религиските лидери и завршуваат во партиите кои тоа многу вешто го менаџираат. Пример, во предизборието национализмот се засили, барем оној што го гледаме во медиумите и во социјалните мрежи, настрана во нашето секојдневие. А тоа се случува само од делувањето на партиите. На пример, кога се тепачките по автобусите најчести, конкретно за во Скопје? Пред избори. Коренот и сета манифестација завршува со политичките партии. Ако тие смогнат сили, од македонската и албанската етничка заедница да го тргнат тоа од себе само тука е решението и никаде на друго место.
Улоги
Медиумите ја имаат главната улога во ширење на национализмот, сакале да признаеме или не. Не зборувам за социјални медиуми, туку за традиционални медиуми што канат гости упорно користат националистичка реторика и си ги преземаат, си ги менуваат. Денеска на една телевизија, утре на друга телевизија. И додека свесно го прават тоа, медиумите истовремено се оградуваат од нив. Но, такви поттикнувачи на национализам не смее да им се даде простор. Ако еден тинејџер нон стоп го гледа еден Миленко Неделковски, Пандов… или лидерот на Левица, кај што жустро, а и елоквентно од друга страна, пршти со говор на омраза и национализам, тинејџерот мисли дека тоа е рул моделот. Ние треба да ги промениме рул моделите. А тоа треба го прават медиумите, сакале да признаеме или не. Ти дома да се корнеш од воспитување, а детето ќе изле, се дружи со други, ќе гледа телевизија и ти доаѓа со муабетот не ме зафркавај ти си од старо време не знаеш ти како е.
Јас на пример, сум фан на Дуа Липа, и бидејќи работам и во медиум, не ми се пишуваше и не сакав да го објавам она што таа го објави. Си направив автоцензура. Јас барав да најдам во нејзе оправдување зошто тоа го направила. За жал, не најдов. Ама пак не објавив ништо. Чекав реакција од другата страна и за уште поголема жал, истата вечер се случи Некст Тајм, но и Влатко Лозаноски. Тие како ликови носат поинакви пораки кога ќе ги слушаш што песни пеат, а поинакви кога ќе видиш што носат во главата. Медиумите треба да ја изиграат својата улога и ригорозно и да им забранат јавен простор на тие што шират национализам: Не друже Влатко Лозаноски, ти не можеш да бидеш гостин кај нас бидејќи заговараш национализам. Тоа е главниот проблем што го имаме во општеството и од тука тргнува се.
Јас никогаш не сум бил член на невладина, но мислам дека граѓанските организации ја утнуваат целната група, утнуваат на кого му се обраќаат. Ако тие не им се обраќаат на целни групи, во случајот оние што шират национализам, како што се навивачките групи, а се обраќаат само на самосвесни луѓе, тоа нема да даде резултат. Нема никогаш да се реши тоа. Тука јас го гледам проблемот кај граѓанските организации. Друг пример, како не работат граѓанските организации, јас знам најмалку десет граѓански организации за правата на Ромите, и резултатот е исто како во 1990 година. А тие од тогаш до сега имаат собрано тешки милиони. Тие наместо да одат во средините каде што е проблемот, тие одат држат трибини или едукација, со одбрани поединци кои се свесни и од таа етничка заедница.
Партија vs. држава
Проблемот е во тоа што ги поистоветуваме партиите и државата. Кога имаме ситуација една гарнитура што доаѓа на власт менува од служител до директор, ние секогаш ќе се соочуваме со проблемот на неказнивост. Дали неказнивоста доаѓа од едната или од другата страна, правдата е тогаш слепа. Сѐ додека не се избориме, а за тоа ќе треба секако многу време, да имаме независни институции од партиите, ние ќе имаме проблем не само со национализмот туку и во сите сегменти од живеењето.
Само еден пример колку партиите се погубни за нашето целокупно живеење, а колку е тоа поврзано со национализам. Во една институција треба да се направи еден пат и таму е министер од една партија, една националност. Во друга институција треба да се направи брана, таму е друга партија, друга националност. И сега едните реагираат велат „дај браната да ја пуштиме толку и толку време, луѓето сега имаат потреба за земјоделие, а другиот му вели – кога ќе го пуштите патот!
Збогум национализам
Национализмот, ќе го снема кога ќе почнеме сите да се сакаме безрезервно. Сѐ дури има „јас имам многу добри пријатели Албанци, колеги, нон стоп се дружиме одам на баклава“, национализмот ќе постои. Ние тука ја правиме поделбата. Јас само што ќе го слушнам тоа, знам дека тој човек има проблем. Ги гледа како различни. Ќе се искорени прво ако тргнеме од себе, второ ако институциите ги оставиме да бидат независни од партиите, и трето, ако граѓанските организации си ја работат работата – баш за она за што ги добиле тие грантови. Друг излез не гледам.
Кога можев јас, од една моноетничка средина да израснам во тоа што сум сега, значи може секој, Затоа мислам дека има шанса. И тоа не на мали години, туку на возрасни години тоа сум го увидел. Не мора да значи дека на триесет- четириесет години не може да се делува, јас почнав да ги впивам работите на 35 години, со појавата на интернетот. Јас тогаш почнав да се градам, сега кога им кажувам на мои колеги, многу помлади од мене, коишто мислат дека сѐ знаат, јас им кажувам дека – “не бе, јас до тогаш бев навивач на Мајмуни, потоа станав да се чудам зошто се тие такви…“