Колку (не) е „зелена“ програмата на новата Влада?

пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА

Загадувањето, отпадот, воздухот, водите, зеленилото, рудниците, се предмет на интерес на граѓанските организации и самите граѓани и точки на притисок врз секоја политичка партија која се бори да ја освои власта во Македонија.

Зелените вредности станаа дел од изборните памфлети, партиските програми и изборните ветувања во Македонија. Се употребуваат соодветни зборови, изрази, се скицираат програмски определби.

Меѓутоа, зелената опција не е само збир од намери, планови, та дури и, активности. Таа е комплексен систем кој од корен го менува начинот на делување, методите и алатките кои се употребуваат, мерењето на резултатите и целта која треба да се постигне.

Според Повелбата на Европските Зелени: „Европските Зелени гордо се залагаат за одржлив развој на човештвото на планетата Земја, начин на развој кој ги почитува човековите права и изграден врз вредностите на одговорност за животната средина, слободата, правдата, различноста и ненасилството“.  Зелената опција ги опфаќа: демократијата, климатските промени и енергетиката, економијата и работните односи, човековите права, социјалната правда и здравјето, животната средина, храната, надворешните политики и политиката на безбедност.

Во програмата на новата Влада зелените „зборови“ се присутни во голема мера. Програмата се повикува на вредности кои дефинитивно можат да бидат препознаени како „зелени“ и предвидува активности кои се насочени кон постигнување „зелени“ цели.

Се поставува прашањето, дали се ова само збир од елементи нафрлани по случаен избор или пак дел од осмислен приод кој нуди „зелен“ излез од моменталната состојба.

При повнимателно исчитување на програмата, може да се воочи отсуство на некои многу значајни индикатори кои укажуваат на реален и систематски пристап изграден врз основа на разбирање и вистинска заложба за промена, како и противречни решенија кои никако не може да егзистираат како дел од единствен и конзистентен систем.

Борбата со Климатските промени и заштитата на животната средина се спомнуваат во повеќе наврати на ниво на генерална заложба, меѓутоа, не се издвојуваат како приоритети во контекстот на финансиските издвојувања.

Што треба да се промени за програмата на Владата да стане зелена?

  1. Борбата со Климатските промени и заштитата на животната средина се спомнуваат во повеќе наврати на ниво на генерална заложба, меѓутоа, не се издвојуваат како приоритети во контекстот на финансиските издвојувања.

Во програмата на Владата не можат да се најдат редица активности кои се вообичаено присутни во програмите кои се ориентирани кон “зелената опција“.

Само како пример:

  • Не се спомнува декарбонизација на енергетскиот систем и временски период во кој ќе се оствари. Напротив, јагленокопите се дел од долгорочните планови на Владата;
  • Во политиките и активностите не се спомнува законодавство за запирање на понатамошното уништување на живеалиштата на дивиот свет, почвата, пределот, античките споменици и наследството на село; не се спомнува дивиот живот и заштитата на пределите на дивиот живот ниту пак заштитата на шумите и посебно неконтролираниот увоз на неавтохтони видови на растенија кои можат да ги загрозат постоечките еко-заедници во Македонија;
  • Во програмата на Владата не се спомнува нов пристап кон каменоломите и рудниците (и покрај тоа што тие претставуваат голема загрижа на „зелената опција“ и беа посочени како проблем од самите граѓани на Македонија);
  • Кога се зборува за земјоделитео не се спомнува скратување на ланците на снабдување со што ќе се воспостават директни врски меѓу произведувачите и потрошувачите заради максимизирање на приходите на руралните области и подобрување на снабдувањето со здрава и свежа храна ниту пак повеќенаменска употреба на руралните подрачја;
  • Наспроти зелената опција која го обесхрабрува окрупнувањето на земјоделските имоти и која поддржува мали, еколошки ориентирани земјоделски системи кои ја заштитуваат почвата, биолошката разновидност и водените ресурси, во програмата на Владата се фаворизира окрупнување на земјоделските имоти;
  • Справувањето со отпадот не се става во контекст на потрошувачкиот менталитет, и развивањето на нова психологија на ре-употреба на веќе употребени работи, намалување на продуцирањето на смет и јасна поделба на видот на смет (на пример – органскиот, кој може да биде искористен за компостирање од индивидуалните домаќинства).
  • Во програмата не е воспоставен јасен хиерархиски систем во справување со отпадот: повторна употреба, рециклирање, искористување.
  • Борбата со загадувањето во најголема мера се сведува на различни начини на мерење на загадувањето, а правото на чиста вода за пиење не се издигнува на ниво на законска категорија. Во програмата нема временски период на забрана на возилата на дизел, ниту пак на увозот на стари возила (напротив, станува збор за регулирање на пазарот со половни возила).

Криминалот и борбата со криминалот, не е ставен во контекст на социјалните фактори кои го поттикнуваат или овозможуваат.

  1. Во програмата на Владата многу се зборува за владеењето на правото, правната држава и борбата со криминалот, меѓутоа отсуствува поширокиот контекст и „зелениот“ пристап кон нивното вреднување.

На пример:

  • Во програмата не се спомнува партиципацијата на граѓаните во процесите на одлучување преку облиците на непосредна демократија (која според “зелената опција“ е највисок облик на демократија). Овој приод подразбира широк достап до информации (не медиумски, туку од самите државни органи), разработени канали на влијание (многу над нивото на проста комуникација со граѓаните), системски промени во процедурите за носење на одлуки и закони (што е неспоиво со носењето закони по скратена постапка или брзо менување на законите) и многу референдуми за различни прашања.
  • Криминалот и борбата со криминалот, не е ставен во контекст на социјалните фактори кои го поттикнуваат или овозможуваат. Акцентот е ставен на казнената политика наместо на превенцијата. Кога се зборува за криминал и сива економија не се зборува за сиромаштијата, зависностите и нееднаквоста како извори на криминалот, ниту за пробацијата, помошта во надминување на проблемите и адресирањето на реалните проблеми кои довеле до криминалните активности. Не се спомнува улогата на социјалните служби, психолозите и други видови поддршка на заедницата во борба со криминалот. Ресторативната правда како „зелена“ опција не се спомнува во програмата на Владата.

Обновливи извори на енергија

  1. „Зелената опција“ го става човекот како индивидуа и како дел од колективитетите во центарот на вниманието и грижата, и, во исто време, му дава многу активна улога во управувањето со државата. Во програмата на Владата, индивидуата / граѓанинот е во голема мера пасивен и повеќе објект на делување отколку субјект кој е носител на активностите.

На пример:

  • „Зелената опција“ во однос на културата промовира што е можно поголеми шанси за партиципација на граѓаните во уживањето и практикувањето на уметноста и поддршка на некомерцијалните уметнички организации, што отсуствува од програмата на Владата;
  • Слободата на јавниот медиумски сервис треба да се обезбеди во двојна смисла (од влијание на власта врз содржините и од економско влијание кое ‘врзува’). Тоа не значи отсуство на средства за националниот медиумски сервис, туку нивна дистрибуција на начин кој не го ограничува или насочува медиумот;
  • Попреченоста во програмата на Владата се третира како проблем кој произлегува од индивидуата и со кој се соочува и треба да се справи индивидуата, наместо проблем кој го создава заедницата и со кој треба да се справи заедницата. Во овој (зелен) начин на гледање на работите, не треба да се прилагодува индивидуата кон заедницата, туку треба да се гради заедница која овозможува, која се прилагодува и која ги отстранува бариерите (градежни, дискриминирачки, стереотипни, бариерите на предрасудите).

Зелената економија е свртена кон постигнување еднаквост и социјална правда.

  1. Зелената економија е свртена кон постигнување еднаквост и социјална правда. Во програмата на Владата има многу малку за рамномерната дистрибуција на ресурсите, рамномерна распределба на богатството на шансите и на моќта.

На пример:

  • Не се спомнува промена во мерењето на богатството и развојот на државата. Според зелениот приод кон развојот на економијата, висината на бруто националниот производ е слаб индикатор за вистинскиот прогрес и не го мери реалното чувство на благосостојба на луѓето. Доколку се промовира зелената опција треба да се воведе мерењето на универзалниот основен приход и да се промовираат активности во кои стануваат важни индикатори кои ја мерат одржливоста, рамноправноста, деконцентрацијата на власта.
  • Во Програмата на Владата нема одговорност за бизнис секторот. Наспроти ова, „Зелената опција“ бара поголема одговорност на големиот бизнис. Освен фер плати и платени давачки за работниците ова подразбира ограничување на прекумерните зголемувања на платите на повисоките менаџерки структури, да спроведуваат независна ревизија на нивното општествено влијание и влијанието врз животната средина (употреба на вода и енергија, справување со смет, дискриминација, детали за сите здравствени инциденти и загрозување на животната средина).
  • Во програмата на Владата нема содржини поврзани со работењето на банките и нивната положба во заедницата. Нема ни збор за промени во банкарскиот систем, извршувањата и слично. Напротив, според Програмата „Владата ќе предложи посебен закон за бизнис ангели (што и да подразбира под ова) и измени на законот за инвестициски фондови, со што значително ќе ги намалиме ограничувањата за основање за инвестициски фондови. Ќе овозможиме формирање на хибридни фондови на ризичен капитал, односно ќе се предвидат фондови во кои покрај владата, како инвеститори ќе можат да се појават и институционални и приватни инвеститори, корпорации, банки, пензиски фондови и бизнис ангели.“ За разлика од овој пристап, „зелената опција“ смета дека постоечкиот банкарски систем е недемократски, нефер и штетен. Според „зелениот пристап“, банките не само што создаваат пари, туку решаваат и како ќе се употребуваат, и ја употребуваат оваа моќ да финансираат шпекулации и несовесно хипотекарно кредитирање, наместо за финансирање инвестиции во продуктивни бизниси (последен пример за ова е Еуростандард банката). „Зелената опција“ се залага за одземање на правото за креирање пари од приватните банки, воспоставување на полна демократска и јавна контрола и насочување на средствата кон сфери од областа на животната средина и социјалните бенефиции, обновливата енергија, општественото домување и поддршка за деловните активности во заедницата.
  • Во програмата на Владата се стимулира јавно-приватно партнерство, што е исто така спротивно на правците на развој кои ги нуди „зелената опција“, а кои стимулираат јавни фондови за изградба на болници, училишта и инфраструктура на други јавни служби. Зелените искажуваат многу отворено сомнение дека приватникот ќе се посвети на постигнување на јавното добро и дека во случај на конфликт меѓу можноста за остварување профит и можноста за загрозување на животната средина тој (приватникот), ќе се откаже од профитот.
  • Во програмата, работничките права се мерат со нивото на задоволство на работниците ставено единствено во функција на нивната продуктивност, наместо да бидат ставени во контекст на квалитетот на живеење, условите за работа (како држава со процентуално голем број смртни случаи на работно место и многу ниско почитување на мерките на заштита на работа, ова несомнено треба да стане приоритет), слободното време, заштитата преку посебни судови (судови за работни спорови кои се многу подостапни и ориентирани кон брзо решавање на споровите), и процедури, заштита на здравјето.

Сето ова зборува за отсуство на знаење или пак на намера да се искористат вредностите на зелената опција како вредности на натамошниот развој на државата. Отсуството на оваа перспектива создава услови за натамошно заостанување на државата зад развојот на зелената идеја во ЕУ државите, низок квалитет на живеење на луѓето (во сета комплексност на овој параметар), и многу ограничена заштита на животната средина.

 


ЗА АВТОРКАТА

Мирјана Најчевска, доктор по правни науки, редовен професор при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Базичен интерес: човековите права (дискриминација, права на малцински и маргинализирани групи, слобода на мислата и изразувањето, владеење на правото и правна држава), меѓуетнички односи, децентрализација и локална самоуправа. Вклучена во работата на повеќе невладини организации и неформални граѓански здружувања (поранешен претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Центарот за човекови права и разрешување конфликти). Колумнистка на ЦИВИЛ МЕДИА и членка на Експертскиот борд на ЦИВИЛ. На меѓународен план - дел од работата на неколку професионални и експертски тела во рамките на ООН, ЕУ и Советот на Европа.

 


Сите права се задржани.
Please follow and like us:
Green CIVIL

FREE
VIEW