Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) соопшти дека е почната постапката за изработка на Нацрт – Закон за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II – Национален парк. Ќе се одржуваат и јавни расправи со засегнатите страни – граѓанските здруженија, локалното население и бизнисмените.
Прогласувањето за Шар Планина за Национален парк долго време е заложба на голем број граѓански организации, поради штетите што се нанесуваат на природата сега, кога оваа планина страда од градење на објекти за домување, хидроцентрали и разни други капацитети.
По Информацијата од МЖСПП, Владата на 5 мај годинава донесе одлука за прифатливост на предлогот за прогласување на Шар Планина за Национален парк и го задолжи министерството да спроведе јавна расправа и да подготви предлог-закон.
„Заради исклучителните природни вредности, делови од Шар Планина се идентификувани како еден од најзначајните подрачја за зачувување на природата на национално, регионално и европско ниво. Со прогласувањето на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата Национален парк ќе се овозможи унапредување на заштитата, зачувувањето и одржливото користење на природните вредности и зголемување на површината на заштитени подрачја на национално ниво (за околу 2,1 отсто), односно од сегашните 8,9 отсто на 11 отсто“, соопштија од ова министерство.
Од таму велат дека прогласувањето на Шар Планина за Национален парк ќе придонесе кон унапредување на имплементација на Aichi целите од Конвенцијата за биолошка разновидност (CBD) и другите конвенции за заштита на природата (Bern, CITES, Bonn, Ramsar и др.), прогрес во исполнување на целите и акциите од Националната стратегија за заштита на природата со Акционен План (2017-2027) и Националната стратегија за биолошка разновидност со Акциски План за период (2018-2023), прогрес во имплементација на ЕУ директивите за живеалишта и птици, унапредување на прекугранична соработка во областа на заштита на природата со Косово и Албанија, развој на екотуризмот и локалната економија и др.
„Дел од Шар Планина е вклучен во Националната Емералд мрежа, којашто произлегува од обврските на државата за имплементација на Конвенцијата за заштита на дивиот свет и природните живеалишта во Европа (Бернска Конвенција). Шар Планина претставува и потенцијално идно Натура 2000 подрачје“, соопштија Министерството за животна средина
Првата верзија на нацрт-законот треба да биде објавена месецов, а потоа од 9 септември до 12 октомври ќе се организираат состаноци, јавни расправи и разгледување на забелешките, по што во октомври треба да се објави втората верзија на Нацрт-законот и тој да биде доставен до Владата, која ќе го предложи во Собранието за усвојување.
Се очекува собраниската процедура да почне во ноември.
Заинтересираните страни може да се информираат на ЕНЕР и на веб-сајтот на МЗЖСПП.
Извор: МЕТА