пишува: Даница Павловска Циги
Пријатно е да се слушне дека новиот министер во Министерството за транспорт и врски кое покрива неколку извонредно важни сектори, зазема реформски курс на политиките во сферата на урбанизмот . Се очекува нешто како урбана терапија, подобрување на квалитетот на живеењето на граѓаните, градење на зелени политики, санација на состојбите. Тоа е таа очајна желба за радикални промени како: практикување на нов урбан морал или воспоставување на нови односи, нова верба, нова религија.
Неспорно, системот на просторно и урбанистичко планирање треба да се усовршува и во таа смисла логично е со новиот Закон за урбанистичко планирање да дојде до негово осовременување и иновирање. Подвлекувајќи го значајот на тој нов Закон со околу 400 нови ставови како и Правилникот за урбанистички планирање со околу 200 страни треба да веруваме дека сме добиле инструкции за спроведување на нова филозофија во управувањето на територијата на државата.
Но, не сме сигурни дека имаме капацитети за негово практикување што министерот никако не го спомна, а треба да го има на ум. Се работи за спор процес на учење и созревање, за полека, полека да ги досегнеме посакуваните висини. Ние оптимистички опсесивно веруваме. Она што изненадува и зачудува е ставот на министерот априори да предвидува и прифаќа постоење на бесправната градба во неговиот мандат. Законот за легализација на бесправна градба беше еден од фокусите на неговите први јавни настапи, при што министерот како да заборава дека самиот чин на бесправна градба е кривично дело и пред се, како такво, треба да се третира.
Тој се задржува на извесноста на постоење на идните градители на бесправна градба а тоа најчесто е узурпација на зелените површини. Казнувањето после направеното кривично дело – бесправна градба, претставено ни е со легализација на секој квадрат по одредена цена ( што и не е некој ригорозен казнен механизам), фактички давање легитимитет на идните бесправни објекти само со парична надокнада. Тоа е навредливо и неприфатливо. Впрочем, узурпација на простор како необновлив заеднички ресурс (каков и да е, приватен или јавен) секако е кривично дело. Во државава постои Кривичен законик, а за негово ефикасно спроведување (во овој сегмент) можеби треба соодветен инструментариум, но тој проблем се уредува; законите се затоа да се усогласуваат, а не да се игнорираат и саботираат.
Ова post festum делување не е здрава политика
Постои една Виенска декларација уште од минатиот век која не обврзува да ја разрешиме појавата на бесправна градба, што претставува предизвик за целиот балкански регион и всушност еден вистински мега процес. Потребно е намалување на можноста на појава на бесправна градба со воспоставување на системски и консултативен, и координативен, и контролен апарат и секако, со висока свест. Обесхрабрувањето на субјектите со идни криминални намери кон просторот мора да е бескомпромисно остро затоа што бесправната градба е зло.
Доаѓањето на нов министер е момент за промоција на нови потези во функција на остварување на зелени вредности, на спроведување на европски директиви, на одржливост на просторниот развој и сл. Тоа е момент за промоција на здрава политика.
Навистина post festum делување не е ни здрава, ни храбра политика.