Вчера во Гостивар околу 200 граѓанки и граѓани излегоа на протест повторно барајќи итно затворање, санација и изнаоѓање на нова локација за депонијата Русино.
Со транспаренти на кои пишуваше „Сакаме да дишиме чист воздух“, „Русино е канцер на Гостивар“ и „Кога ќе пораснам, сакам да дишам чист воздух“ граѓаните се собраа пред општината Гостивар, од каде се упатија кон центарот на градот, додека маршот на крај заврши пред судот, од каде активистите повикаа на правда, пренесува Радио МОФ.
„Искрено очекувавме многу повеќе да дојдат на протестот, меѓутоа, она што не израдува е што видовме дека конечно сите, имаше присутни од сите политички партии во Гостивар што е голем успех и ни е многу драго што ги разбудивме сите, без разлика на политичка или верска припадност“, изјави за Радио МОФ, една од учесничките на протестот и членка на иницијативата „Стоп Русино“, Билјана Дабеска.
Во меѓувреме, за време на протестот, продолжи и блокадата на патот која започне пред речиси два месеци, а која води кон депонијата.
Пристапот ќе биде блокиран се додека министерот не потпише дека се согласува таа да се затвори, да се рехабилитира и санира, објаснува Дабеска. Таа дополнително додаде дека од него бараат и дека ќе се залага Владата во најбрз можен рок да најде нова локација за депонија по сите стандарди и да го затвори Русино, за следната година во истото време, како што рече, на Русино да може да се прави пикник.
Рампата за отпадот кој се носи од Гостивар пред некој ден повторно беше спуштена поради тоа што на градскиот совет на дневен ред била закажано точка за гласање на управен одбор на претпријатието кое треба да се формира за да стопанисува со депонијата.
Гостиварските камиони сега повторно можат да депонираат отпад на Русино, откако активистите дошле до согласност со градоначалникот Арбен Таравари кој ја тргнал точката од дневен ред, но, како што објаснува Дабеска, рампата за другите општини нема никогаш да ја кренат.
„Ние, Русино ќе го одбраниме со жив штит, без разлика министерот што ќе одговори. Се надеваме на позитивен одговор, дека ќе се сложат и ќе го разгледаат нашиот проблем, бидејќи досега на сите наши состаноци на кои што сме присуствувале, дали било тоа со претставници на Швајцарски фонд или преставници на плански полошки регион или други градоначалници, кога го претставуваме нашиот проблем, ние го преставуваме од терен, за разлика од нив, што седат во канцеларија и не можат да го видат проблемот од терен. Не може министерот од Скопје да го осети како мириса Русино секоја вечер, затоа што не живее во Гостивар. Ние му понудивме вчера јавно на министерот, плац во Бањица со куќа, дојди да живееш два месеци, да видиш како се живее со Русино“, вели Дабеска за Радио МОФ.