Македонската влада и локалните самоуправи во наредниов период ќе имаат на располагање околу 85 милиони евра обезбедени од странство за имплементација на мерките за енергетска ефикасност во земјава. Станува збор за покрупни проекти на национално ниво за коишто се издвоени позначајни финансиски средства, при што дел од нив веќе се во фаза на реализација, а дел сè уште се незапочнати.
Како што информираат од Министерството за економија за „Мета.мк“, Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор ќе се финансира со заем од Светската банка во вредност од 25 милиони евра. Во Собранието на РСМ треба допрва да се изгласа законот за задолжување, по што и официјално ќе биде потпишан договорот. Од вкупно 2.441 објект под ингеренции на државните институции и локалните власти, со овој проект ќе се реновираат околу 100 згради.
– Се очекува најпрво да се започне со имплементација на компонентите 1 и 2 односно инвестиции во општински објекти користејќи механизам за отплата на под-заем преку Министерството за финансии, згради на централната власт под Министерството за здравство, како и поддршка за спроведување на проектот и политиките/техничка помош за формирање на револвинг Фонд за енергетска ефикасност – информираат од Министерството за економија.
Во фаза на реализација е и проектот за енергетска ефикасност во станбениот сектор во износ од 25 милиони евра. Овој проект се реализира во соработка со Хабитат Македонија, а средствата ќе бидат обезбедени од Европската инвестициска банка.
– Проектот ќе ги опфати индивидуалните и колективните домаќинства. Со овој проект се очекува да бидат опфатени околу 25.000 домаќинства – велат од Министерството за економија.
Воедно, Министерството за финансии во декември минатата година го потпиша договорот за позајмување на 20 милиони евра за Проектот за енергетска ефикасност во студентски домови преку германската КфВ банка. Со претстојниот зафат ќе се изврши темелна реконструкција на седум студентски домови низ државава, со кои ќе се опфатат зафатите од промена на прозорци, врати и кровови на објектите, преку нови енергетски ефикасни фасади, до замена на електричната инсталација, поставување на нови системи за греење и искористување на обновливите извори на енергија.
Дополнително, во фаза на реализација е и проектот „Создавање услови за реализација на ЕСКО проекти“, кој со 5 милиони евра е финансиран од Регионалната програма за енергетска ефикасност. Со него се финансираат проекти за енергетска ефикасност за уличното осветлување и малите дистрибутивни системи за греење во општините. Со овој проект досега се опфатени осум општини низ земјава во делот на имплементацијата на енергетската ефикасност кај јавното улично осветлување.
На одобрување чека потенцијалниот грант од 10 милиони евра преку Зелениот климатски фонд. Од Министерството за економија велат дека истиот се планира да ја дополни компонентата 3 од Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, како и да биде искористен за обезбедување почетен капитал и оперативни трошоци за формирање на националниот Фонд за енергетска ефикасност.
Северна Македонија неодамна ја доби најновата „Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година“, во која се наведува дека во наредните две децении на земјава ќе ѝ бидат потребни минимум 1,5 милијарди евра за реконструкција на постојните јавни, станбени и комерцијални објекти во насока на имплементирање на мерките за енергетска ефикасност. Нашата земја е една од ретките во Европа, во која што сè уште не е формиран национален Фонд за енергетска ефикасност.
Извор: МЕТА