ЦИВИЛ во рамките Зелениот караван, на 19 септември 2020 година, (сабота), со почеток во 11 часот ќе одржи работилница „Зелените доаѓаат“ во Општина Велес.
ЦИВИЛ, со поддршка од Фондацијата Хајнрих Бел го спроведува проектот „Зелените доаѓаат“. Дел од предвидените активности на проектот е одржување двочасовни работилници во соработка со неколку општини во земјата, вклучувајќи го и Велес, каде што ЦИВИЛ секогаш наидува на гостопримство и соработка. „Зелените доаѓаат“ е проект за поддршка, застапување и јакнење на јавната свест за зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот.
На работилницата ќе учествува градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, како и претставници на општинскиот совет и институциите, организациите на граѓанското општество, зелените иницијативи, политичките партии, медиумите и активистите во соодветните области. На работилницата се предвидува учество од максимум 20 лица, со почитување на мерките за заштита од КОВИД-19.
Модераторка на работилницата ќе биде Билјана Јордановска од ЦИВИЛ, а со свое излагање за проектот ќе се претстави претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
Зелениот караван на ЦИВИЛ е посветен на промоција и јакнење на јавната свест за зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот. Социјалната правда и антинационализмот се дел од европските и зелените вредности кои ЦИВИЛ ги застапува во текот на своето 20-годишно постоење, а во изминатите неколку години и во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел, чие регионално седиште е во Сараево, БиХ.
Тимовите и активистите на ЦИВИЛ ќе патуваат низ земјата и ќе одржат повеќе настани во соработка со општините и локалните граѓански организации. Ќе се одржат работилници на тема „Зелените доаѓаат“ во Штип, Гостивар, Велес, Кавадарци и Скопје. Низа средби со граѓанките и граѓаните ќе се одржат и во други општини низ целата земја.
Зелениот караван ќе заврши со национална конференција посветена на зелените вредности и стратегии, како единствена одржлива алтернатива за општеството и за државата. Зелениот караван е дел од проектот „Зелените доаѓаат“ кој се спроведува во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел.
Во претходната фаза од проектот се спроведуваа голем број активности меѓу кои се и тематските фокус групи и медиумската продукција од која се издвојуваат колумните и анализите што се објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ, првенствено на интернет порталот Зелен ЦИВИЛ.
Зелен ЦИВИЛ е организациска единица на ЦИВИЛ, која се формира девет години по основањето на организацијата, во 2009 година.