Традиционално, почнувајќи од 2002 година, од 16 до 22 септември се одржува Европската недела на мобилност во обидот на подобрување на јавното здравје и квалитетот на животот преку промовирање на одржлив урбан транспорт.
Темата на овогодинешното одбележување е „Мобилност со 0 емисии за сите“. На овој начин сите засегнати страни се охрабруваат да ја користат неделата за да тестираат нови мерки за транспорт и да добијат повратни информации од јавноста, да се разговара за различните аспекти на подвижност и квалитетот на воздухот, да се најдат иновативни решенија за намалување на употребата на автомобили и емисиите на транспорт, како и да се тестираат новите технологии и мерките за планирање.
Во рамките на тој период ќе се одржи Вело Родео како дел од програмата „Вело Училишта“ во повеќе градови низ државата: на 17.09: (17:00-20:00 часот) во Пробиштип (Плоштад Гаврил Лесновски), на18.09. (16:00-19:00 часот)- Демир Капија (Градски парк, во близина на игралиштето) на 20.09. (11:00-14:00 часот)- Скопје (Градски парк, кај Школка), на 22.09. (13:00- 16:00 часот)- Пехчево (Едукативен центар за зачувавање на природата- Негрево).
Вело Родео настанот е од отворен карактер и право на учество имаат сите ученици од основните училишта од 4 до 9 одделение кои имаат желба да возат велосипед како и активно и едукативно да се забавуваат преку едукативни игри како: Еко Не лути се човече (во реална големина), Вело Меморија, (мега верзија, карти и онлјан апликација), Еко квиз, Вело Маало,Твистер и многу други. Вело Родео настанот се основа на тоа преку игра, забава и едукација, учениците да ја пренесат пораката за придобивките од возење велосипед како баланс, безбедност, сигнализација, контрола, тргнување, забрзување и запирање.
Оваа година Вело Родео настанот е поделен во два дела: Едукативен каде учениците ќе можат да учат за баланс, моторика, како и за сообраќајните знаци и основните правила во сообраќајот за безбедно учество во истиот. Дополнително во овој дел ќе има одвоено и простор за бавна трка, преку која учениците ја совладуваат и вежбаат својата координација, рамнотежа, тргнување и запирање и забавен каде учениците ќе имаат можност да ги покажат, вежбаат и унапредат сопствените велосипедски вештини преку: полигонско возење со препреки, возење во круг, возење по даски и препреки, и многу нови вежби кои за прв пат ќе бидат промовирани оваа година. Исто така, учесниците ќе имаат можност да бидат дел од креативна работилница со различен тип за секој град каде што ќе биде одржана Европската недела на мобилност.
Настаните се дел од програмата „Вело Училишта“ што ја спроведува здружението на граѓани „Еко Логик“.