Зелениот караван на ЦИВИЛ продолжува во Велес, утре, сабота, 18 септември, со инфо штанд на С’рмаале. со почеток во 14 часот. Граѓанките и граѓаните, медиуимите и сите заинтересирани лица кои ќе го посетат штандот ќе имаат можност да разменат искуства и ставови со тимот на ЦИВИЛ, а воедно ќе можат да учествуваат во видео анкетата: „Зошто зелено? Кажи го гласно своето мислење!
Зелениот караван на ЦИВИЛ е посветен на промоција и јакнење на јавната свест за зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот. Социјалната правда и антинационализмот се дел од европските и зелените вредности кои ЦИВИЛ ги застапува во текот на своето 20-годишно постоење, а во изминатите неколку години и во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел, чие регионално седиште е во Сараево, БиХ.
Зелениот караван ќе заврши со национална конференција посветена на зелените вредности и стратегии, како единствена одржлива алтернатива за општеството и за државата. Зелениот караван е дел од проектот „Зелените доаѓаат“ кој се спроведува во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел.
Во претходната фаза од проектот се спроведуваа голем број активности меѓу кои се и тематските фокус групи и медиумската продукција од која се издвојуваат колумните и анализите што се објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ, првенствено на интернет порталот Зелен ЦИВИЛ. Инаку, Зелен ЦИВИЛ е организациска единица на ЦИВИЛ, која се формира девет години по основањето на организацијата, во 2009 година.