Зелен ЦИВИЛ ги праша граѓанките и граѓаните во Тетово, Гостивар, Штип и Свети Николе колку зелените вредности де негуваат во нивните општини, дали нивните општини се еколошки, колку граѓаните се свесни за потребата од заштита на животната средина…
Анкетата покажа дека граѓаните се свесни за проблемите, но и дека не учествуваат активно во нивно решавање. Од институциите бараат ажурност, но дел од нив не веруваат дека нешто ќе се промени во крирањето ефективни зелени политики.
„Немаме култура за тоа уште, ние сме самоуништувачи“, заклучува една од анкетираните граѓанки од Тетово, одговарајќи на прашањето колку се негуваат зелените вредности во општината.
„Не. Бев во Лешница. Греота е човек да го гледа тоа. 100% е уништена. Лешница беше срцето на Шар Планина“, одговори еден тетовчанец, во контекст на едно од најзначајните природни убавини на Шар Планина која во последните години се претвори во депонија од несовесните граѓани, но и со проектите за изградба на мали хидроцентрали.
„Го имаме во Гостивар проблемот со депонијата Русино. Не верувам дека тоа некој ќе го реши. Може само депонијата да се премести на друго место, но нема да се реши. Дали на гостиварчани или не, на нечија глава ќе се одбие проблемот“, смета еден гостиварчанец, зборувајќи за актуелниот проблем со депонијата Русино.
Ниту штипјани ниту светиниколчани се задоволни од општата слика за зелените вредности. Коментарите се однесуваат на недостаток на зелени површини, комунална хигиена, несвесност на граѓаните за важноста на сочувување на природата.
„Погледнете околу себе и ќе видите колку Штип е зелен и чист град“, изјави еден штипјанец.
„Граѓаните треба да се грижат“, вели друг од анкетираните граѓани во Штип, зборувајќи кој градот е зелен и чист.
„Доволно е да отидете на излетинчкото место Ѓуриште, кај се јаде таму се фрла, што повеќе да кажам“, изјави еден светиниколчанец.
„Поприлично зелен град, ама многу нечист. Комуналната се труди, но граѓаните не водат сметка. Казни, дебели казни, друго ништо не помага“, заклучи една од анкетираните граѓанки во Свети Николе.
Анкетата е дел од Зелениот караван на ЦИВИЛ посветен на промоција и јакнење на јавната свест за зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот.
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
Зелен караван е дел од проектот „Зелените доаѓаат“ што ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.