Зелениот караван на ЦИВИЛ тргнува од Скопје

Зелениот караван на ЦИВИЛ тргнува од Скопје на 11 септември, со инфо штанд на плоштад Слобода, пред домот на културата „Кочо Рацин“ (Дом на градежниците), со почеток во 11 часот. Во 11:30 е предвидена и изјава за медиумите. Граѓанките и граѓаните кои ќе го посетат штандот ќе имаат можност да разменат искуства и ставови со тимот на ЦИВИЛ, а воедно ќе можат да учествуваат во видео анкетата: „Зошто зелено? Кажи го гласно своето мислење“.

Зелениот караван на ЦИВИЛ е посветен на промоција и јакнење на јавната свест за зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот. Социјалната правда и антинационализмот се дел од европските и зелените вредности кои ЦИВИЛ ги застапува во текот на своето 20-годишно постоење, а во изминатите неколку години и во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел, чие регионално седиште е во Сараево, БиХ.

Тимовите и активистите на ЦИВИЛ ќе патуваат низ земјата и ќе одржат повеќе настани во соработка со општините и локалните граѓански организации. Ќе се одржат работилници на тема „Зелените доаѓаат“ во Штип, Гостивар, Велес, Кавадарци и Скопје. Низа средби со граѓанките и граѓаните ќе се одржат и во други општини низ целата земја.

Зелениот караван ќе заврши со национална конференција посветена на зелените вредности и стратегии, како единствена одржлива алтернатива за општеството и за државата. Зелениот караван е дел од проектот „Зелените доаѓаат“ кој се спроведува во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел.

Во претходната фаза од проектот се спроведуваа голем број активности меѓу кои се и тематските фокус групи и медиумската продукција од која се издвојуваат колумните и анализите што се објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ, првенствено на интернет порталот Зелен ЦИВИЛ. Инаку, Зелен ЦИВИЛ е организациска единица на ЦИВИЛ, која се формира девет години по основањето на организацијата, во 2009 година.

ЦИВИЛ Тим за комуникации

Green CIVIL

FREE
VIEW