ЦИВИЛ организираше работилница „Зелените доаѓаат“ во рамки на Зелениот караван посветена на зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот, во просториите на Општина Штип.
На работилницата присуствуваа претставници на општината и на Советот, како и претставници на граѓанското општество и медиумите. Главните теми и цели на Зелен ЦИВИЛ ги поттикнаа присутните да развијат дискусија за главните активности што се преземаат во промоција и негување на зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот, но ги споделија и главните проблеми со кои на локално ниво се соочуваат граѓанките и граѓаните на Штип во однос на комуналната хигиена, работничките права, едукацијата и јакнење на јавната свест.
Проектот го презентираше Џабир Дерала, кој воедно ја истакна важноста на граѓанското учество и на носителите на одлуки во заедничка соработка на промоција, негување и едукација.
Секретарката на Општина Штип, Соња Китанова, зборуваше за позитивните аспекти и придонеси на општината и негување на вредности што водат кон одржување на хомогено општество преку толеранција и разбирање, како и соработка со граѓанките и граѓаните.
Меѓу говорниците беше и Горан Трајков, директор на Домот на млади во Штип, кој зборуваше од аспект на културата и уметноста и нивното влијание кај младите, идните носители на одлуки во општеството, нивното активно учество во креирање на свет во кој креативноста и иновативноста ќе придонесуваат кон заедничко зелена иднина. Трајков истакна дека за сите општествени проблеми што произлегуваат и водат кон неразбирање на зелените вредности, социјалната неправда, и националистичките реторики се од недоволна едукација на граѓанките и граѓаните, особено на младите генерации и неоставање доволен простор нивниот потенцијал да го насочат кон вредности кои ќе придонесат кон почитување човековите права и слободи, достоинство и личната среќа, антидискриминација, социјална и еколошка правда, демократија…
Зелениот караван на ЦИВИЛ заврши со национална конференција посветена на зелените вредности и стратегии, како единствена одржлива алтернатива за општеството и за државата. Зелениот караван е дел од проектот „Зелените доаѓаат“ кој се спроведува во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел.
Зелен караван е дел од проектот „Зелените доаѓаат“ што ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.