Џемаили: Зелените вредности ги знаат сите, но заради лични или партиски интереси, не се земаат предвид

Градоначалникот на општина Боговиње, Албон Џемаили, одговори на прашањата на Зелен Цивил за зелените вредности, антинационализмот и социјалната правда во општината.

Зелен ЦИВИЛ: Кои се зелените перспективи на вашата општина?

Џемаили: Како зелени перспективи би ги истакнал социјалната благосостојба на сите жители на општината, без разлика на етничката припадност, правото на образование во современи училишта, право на чиста и зелена животна средина, здравство, култура итн.

Зелен ЦИВИЛ: Кога говориме за зелените вредности, познато е дека тие не се однесуваат само на заштитата на животната средина која, пак, често се меша со поимите поврзани со комуналната хигиена. Зелените вредности подразбираат почитување на човековото достоинство, што подразбира и социјална правда и антинационализам, стратегии за одржлив развој, што подразбира напуштање на принципите на либералниот капитализам… Колку, според Вашите анализи, знаат политичарите во нашата земја?

Џемаили: Зелените вредности според мене се заеднички вредности со европските, што значи дека нема политичар во нашата земја што не е запознаен со овие европски вредности, но, во одредени околности овие вредности често не се земаат предвид, а како факти ќе ги посочам следниве: личните или партиски интереси, недостатокот од финансиски средства за да се остварат зелените вредности…

Зелен ЦИВИЛ: Вашиот став за растечките политички и етнички мотивирани тензии во нашата земја? Кому одат во прилог, а кој губи?

Џемаили: За жал, меѓуетнички и политички тензии имало секогаш во нашата земја и лично сметам дека до ова доаѓа бидејќи Владата или релевантните институции не го почитуваат Уставот и Законите на  Република Северна Македонија, напротив, имало случаи кога наместо да се осуди говорот на омраза, тие ја мотивирале. Од овие тензии, придобивки имаат политичките партии, а губи целото општество.

Зелен ЦИВИЛ: Што треба да се направи во овој поглед?

Џемаили: Политички и етнички тензии имале и западните држави, но тие на некаков начин ги надминаа и мислам дека треба да учиме од нивното искуство и начинот со кој се справиле со тие проблеми, за да можеме и ние да ги надминеме и тоа во еден краток период, секако, учејќи и од нивните грешки.

Обработка на текст: Дијана Тахири


Зелениот караван е дел од проектот „Зелените доаѓаат“ кој се спроведува во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел.

This post is also available in: Albanian

Green CIVIL

FREE
VIEW