Гошаревски: Потребно е осигурување на социјална правда за сите и максимално анулирање на национализмот

Зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот се на агендата и на градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски. За Зелен ЦИВИЛ, Гошаревски в вели дека промената мора да настане сега и веднаш за зелената и сигурна иднина на нашите генерации.

Зелен ЦИВИЛ: Кои се зелените перспективи на вашата општина?!

Гошаревски: Зелените перспективи од денешна гледна точка, следејќи ги глобалните текови и настани, топењето на мразот, зголемувањето на нивото на вода  во океаните, проширување на стаклената градина, се наметнуваат како потреба која мора да се интегрира во секоја општина како најмала конститутивна единица на нашата држава. Промената мора да настане сега и веднаш за зелената и сигурна иднина на нашите генерации. Подигнувањето на еколошката свест кај граѓаните, навремето опслужување  и подигање на отпадот од страна на комуналното претпријатие и негова дистрибуција, санација и спречување на нови депонии, селектирањето на отпадот претставува доволно добра основа за понатамошен развој на зелената перспектива на нашата општина. Дополнително треба да потенцирам дека Преспа е туристичко место, го имаме споменикот на природата, Преспанското Езеро, опкружени сме со двата национални парка, Пелистер и Галичица и паркот на природата Езерени, што претставува дополнителна  обврска, моја  но и на моите сограѓани да обезбедиме доволно добри услови за развој и раст на зелените перспективи на општина Ресен и да дадеме пример тргнувајќи од нас како да ја подигнеме еколошката свест кон земјата.

Секако дека екологијата претставува само еден дел од зелените перспективи на општината, намалувањето на штетните емисии на гасови и искористувањето на соларната енергија како природна алтернатива на електричната енергија. Општина Ресен аплицираше и доби грант инвестиција за инсталација на фотоволтаични системи на три јавни објекти и тоа на двете основни училишта, Мите Богоевски и Гоце Делчев и општинската гимназија Цар Самоил, кои дополнително прават заштеди на електрична енергија, а допринесуваат и кон заштитата на животната средина.

Мора да продолжиме напред кон оваа насока  доколку сакаме во најмала рака да им обезбедиме сигурна „зелена“ иднина на нашите идни генерации за што ќе ни бидат неизмерно благодарни.

 Зелен ЦИВИЛ: Кога говориме за зелените вредности, познато е дека тие не се однесуваат само на заштитата на животната средина која, пак, често се меша со поимите поврзани со комуналната хигиена. Зелените вредности подразбираат почитување на човековото достоинство, што подразбира и социјална правда и антинационализам, стратегии за одржлив развој, што подразбира напуштање на принципите на либералниот капитализам… Колку, според Вашите анализи, знаат политичарите во нашата земја?

Гошаревски: Врвен приоритет на секоја Влада која се стреми кон развој на демократските процеси во државата,  треба да биде осигурување на социјална правда за сите и максимално анулирање на национализмот.  Кога зборуваме за социјална правда треба да имаме предвид дека тука станува збор за  борбата против сиромаштијата, невработеноста и еднаквоста. Еден од начините за креирање на социјална држава и обезбедувањето на социјална правда и благосостојба кај граѓаните  може да се обезбеди  преку странски инвестиции кои ќе креираат нови работни места, намалување на невработеноста и сиромаштијата.

Општина Ресен преку проектот на „Општинско корисна работа“ ангажира повеќе лица од различни профили кои обезбедуваат услуги и помош на социјално ризични и маргинализирани групи.

Основните вредности на слободата, човечкото достоинство, социјалната правда, безбедност и недискриминација се суштински за одржливиот економски и социјален развој и ефикасност

Морам да потенцирам дека отворањето на преговорите со Европската Унија и нашето членство во НАТО се доволно добра стратегија за одржлив развој, а исполнувањето на условите и прописите за влез во Европската Унија се само дополнителна гаранција дека социјалната правда ќе биде загарантирана во нашата држава.

Зелен ЦИВИЛ: Вашиот став за растечките политички и етнички мотивирани тензии вонашата земја? Кому одат во прилог, а кој губи?

Гошаревски: Во ваков случај најголем  губитник е Република Северна Македонија. Доколку се осврнеме кон не така далечното минато ќе заклучиме дека политичките и етнички мотивираните тензии не донесоа добро на никој. Напротив, загубивме сите, загубивме ние како граѓани, загуби нашата држава, загубија и нашите идни генерации, затоа што целата енергија беше насочена кон амортизирање и отстранување на последиците токму од овие тензии. Република Северна Македонија е мултиетничка држва која со својата сплотеност треба да биде пример за другите држави и тоа да биде главниот двигател за останатите процеси кои што се одвиваат на сите полиња.

Токму општина Ресен може да биде пример како се градат меѓуетничките односи и се почитуваат човековите права и слободи.

Зелен ЦИВИЛ: Што треба да се направи во овој поглед?

Гошареввски: Како што и претходно потенцирав. Отпочнувањето на демократските процеси, обезбедувањето на социјална правда за сите, членството во НАТО и отпочнувањето на преговорите со Европската Унија се доволна гаранција за спречување на понатамошен развој на политичките и меѓуетничките тензии. Наша цел е да го задржиме овој демократски правец, да ги направиме потребните европски реформи во интерес на благосостојбата на нашите граѓани, но и благосостојбата на идните генерации.

обработка на текст: Б. Јордановска


Зелениот караван е дел од проектот „Зелените доаѓаат“ кој се спроведува во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел.

This post is also available in: Albanian

Green CIVIL

FREE
VIEW