Христоски: Луѓето се изморени од национализам

Градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски, за ЗЕЛЕН ЦИВИЛ зборува за зелените перспективи на општината, антинационализмот и социјалната правда.

ЗЕЛЕН ЦИВИЛ: Кои се зелените перспективи на вашата општина?

Христоски: Нашата држава по устав е социјална држава и следствено на тоа сите општествени фактори, вклучувајќи ги и општините во овој контекст, треба да обезбедат социјална правда, еднаков пристап до можности и заштита на сите групи на граѓани. Дополнително, Северна Македонија е исто така мултиетничка држава и оттука наша обврска е да обезбедиме еднаков третман на сите и да бидат елиминирани сите поделби по етничка опција.

Крушево, како и државата, е засновано на мултиетнички основи, со заедничка заложба и борба на Македонци, Албанци, Власи и други националности се основал и се гради нашиот град. Пример сме по тоа што сме тријазична општина, практикувајќи ги македонскиот, албанскиот и влашкиот јазик, но тоа не значи дека останатите јазици не се користат и колку повеќе се користат толку подобро можеме меѓу себе да се запознаеме и да се прифаќаме.

Работата во изминатите 3 години во општина Крушево покажува дека некои работи се променети на подобро. Ако претходно се работело само во делови од општина со доминантно македонско население, денес ние работиме подеднакво сегде. Имплементираме проекти, кои произлегуваат од потребите на граѓаните, во градот каде што доминантни се Македонците и Власите. Потоа, во население места имаме барем по еден голем проект во селата со македонско, албанско, турско, бошњачко и други население. Се одлучивме да работиме според потребите и барањата на граѓаните насекаде во општината, а не според етничката припадност. Преку тоа овозможуваме социјална правда и ги надминуваме сите пречки меѓу нас.

ЗЕЛЕН ЦИВИЛ: Кога говориме за зелените вредности, познато е дека тие не се однесуваат само на заштитата на животната средина која, пак, често се меша со поимите поврзани со комуналната хигиена. Зелените вредности подразбираат почитување на човековото достоинство, што подразбира и социјална правда и антинационализам, стратегии за одржлив развој, што подразбира напуштање на принципите на либералниот капитализам... Колку, според Вашите анализи, знаат политичарите во нашата земја?

Христоски: Денес во Северна Македонија имаме власт која покажува дека генерално знае да се држи до идеолошките определби. Левата опција, како моја идеолошка определба, е онаа која е најблиска до народот, но истовремено бизнисот тука има еднаков третман. Левата опција подразбира соработка меѓу бизнис секторот и граѓаните, а не фаворизирање на бизнисот како што тоа го прават од спротивната идеологија.

Преку создавање на соодветни услови за бизнис секторот, истовремено ќе се отвори простор за заштита на човекови и работнички права можеме да го градиме нашето општество и сите бариери кои постојат можат да се надминат. Само така ќе ги адресираме социјалната неправда, национализмот, одржлив развој и друго. Јасно е дека кај нас многу пати се испреплетуваат политичките идологии, но денес мислам дека имаме вистинска можност да создадеме таква држава како што е запишано во соновачкиот документ на државата и, истовремено, да ги испочитуваме определбите на предците и сите кои се бореле за слободна држава.

ЗЕЛЕН ЦИВИЛ: Вашиот став за растечките политички и етнички мотивирани тензии во нашата земја? Кому одат во прилог, а кој губи?

Христоски: Тие вештачки поттикнати тензии не можат да „фатат“ здрава основа меѓу граѓаните затоа што омразата и нетрпеливоста се драстично намалени, а луѓето се уморени од национализам. Ќе потенцирам уште еднаш, Крушево е вистински пример за ова. Едно општество за сите е нашата цел.

ЗЕЛЕН ЦИВИЛ:Што треба да се направи во овој поглед?

Христоски: Мораме да продолжиме со градење на едно општество за сите. Мораме за сите граѓани да обезбедиме еднакви можности и еднаква инфраструктура и сметам дека сме тргнати во добра насока. Ние сме сите едно, ова е наша држава, Крушево е општина на сите и наша обврска, но и интерес да ја изградиме општината. Мора да продолжиме со развој на економијата, со унапредување на човековите права и со активна работа на инфраструктура, изградба на канализации, водоводи, патишта, подготовка на инфраструктура за млади, спорт и се што е потребно во насока на развој на општеството.

обработка на текст: Д. Тахири

This post is also available in: Albanian

Green CIVIL

FREE
VIEW