Градоначалникот на Општина Вевчани, Сашо Јанкоски, одговори на повик на Зелен ЦИВИЛ за отворање на темата за зелените вредности, социјална правда и антинационализам.
Зелен ЦИВИЛ: Кои се зелените перспективи на вашата општина?
Јанкоски: Мислам дека Вевчани не е само лулка на демократијата како што ја нарекуваме ние, туку и пионер во зеленото, еколошко размислување. Иако многумина во државата не знаат во Вевчани е основано првото еколошко друштво во Македонија далечната 1987 година на 2 август под името „Пријатели на природата“. Во еко герила акции во 1997 година беа избркани работниците од “Македонски шуми” за кој настан подоцна беа судени лица меѓу кои и првиот градоначалник на Општина Вевчани, Васил Радиноски. После овој настан па се до денес, на територијата на Општина Вевчани нема никаква сеча на дрва, односно можеме да се пофалиме со прекрасно сочувана шума.
Првиот состав на Советот на општина Вевчани во 1999 година со одлука го прогласи „Заштитеното подрачје Споменик на природата Вевчански извори”, за истото во 2012 година да го потврди Собранието на Република Македонија прогласувајќи го за „Заштитено подрачје Вевчански извори” во сегашните граници. Вевчанци по природа се пркосни луѓе, луѓе кои си го сакаат своето место и својата околина и се грижат истата и да ја сочуваат.
Од минатата година, поточно од 12 септември 2019 година Општина Вевчани, односно јас во нејзино име како градоначалник го превзедовме на управување „Споменикот на природа Вевчански Извори”, при тоа носејќи менаџмент план за управување со истото. Општината во моментов е во фаза на екипирање со ренџерска служба и соодветен стручен кадар за формирање на ново одделение за заштита на ова подрачје.
За нас врвен приоритет е Општина Вевчани да добие зелен печат како еколошка општина, општина која одлично се справува со загадувањето, со комуналниот отпад, со заштитеното подрачје и слично.
Вевчани во минатото беше печалбарско место, каде од странство се носеа одлични идеи кои тука се имплементираа. Би сакале барем на нашите граѓани да им овозможиме приближен начин и квалитет на живот како тој во монденските места од каде претходно враќајќи се од печалба ги носеле тие идеи и вредности.
Зелен ЦИВИЛ: Кога говориме за зелените вредности, познато е дека тие не се однесуваат само на заштитата на животната средина која, пак, често се меша со поимите поврзани со комуналната хигиена. Зелените вредности подразбираат почитување на човековото достоинство, што подразбира и социјална правда и антинационализам, стратегии за одржлив развој, што подразбира напуштање на принципите на либералниот капитализам… Колку, според Вашите анализи, знаат политичарите во нашата земја?
Јанкоски: Точно така, мислам дека на многумина не им е познат овој факт. Токму во овој правец е нашата интенција, зелените вредности се токму нашата стратешка цел. Зелените вредности се влезени во сите наши општински стратегии, за одржлив развој во вклучување на социјалната инклузивност и друго. Ние токму тука во оваа како да ја наречам зелена агенда ја гледаме шансата за развој, за отварање на нови работни места поврзани со екологијата, туризмот во заштитеното подрачје и сл.
Мораме во овој дел да ја подигнеме нашата свест. Во Европа на отпадот се гледа како на ресурс за добивање електрична енергија, за добивање на рециклирана пластика од органскиот отпад добивање на хумус и сл. Децата уште од мали нозе преку училиштата треба да ги едуцираме како да постапуваат со отпадот.
Во делот на социјалните права општините немаат многу ингеренции бидејќи тука главниот збор се уште го има државата иако мислам дека ова е грешка бидејќи општините имаат подобар увид на терен. Ранливите групи граѓани се под надлежност на Центрите за социјална работа. Ние како Општина Вевчани единствено сме во можност да доделуваме еднократна помош за лекување, за недај боже некоја трагедија, така во овој дел рацете ни се врзани. Со нашиот скромен буџет ние не сме во можност сами да финансираме кампањи од типот на смена на начинот на греење, набавка на велосипеди и сл. Се надевам дека во најкраток период ќе дојде до децентрализација на ова поле и бидејќи локалната власт е најблиска до народот ќе ги добие овие ингеренции и финансиски средства за справување со социјалната компонента.
Зелен ЦИВИЛ: Што ќе кажете за растечките политички и етнички мотивирани тензии во нашата земја? Кому му одат во прилог, а кој губи?
Јанкоски: Како што и претходно споменав, Вевчани преставува лулка на демократијата. Случајот „Вевчани”од сега далечната 1987 година и тогашното дигање на глас против неправдите кои ни беа нанесени и за првпат употребeните електрични палки врз голорак народ, е симбол на првпат јавен организиран отпор против нарушување на човековите права и достоинство. Но, некако со доаѓањето на господинот Груески како премиер, дури и тука во Вевчани, во лулката на демократијата национализмот почна да пушта корени. Јас мислам дека овде кај нас се измешани поимите патриотизам и национализам. Под плаштот на патриотизам се форсира национализмот, шовинзмот,…. Патриотизам значи да си ја сакаш својата земја, а не да ги мразиш другите етнички групи затоа што се различни од тебе дали по основ на јазикот, бојата на кожата, религијата и сл. Национализмот кај нас влече корени од поодамна, но најповеќе во интензитет доби во времето на режимот на премиерот Никола Груески. Јас лично мислам дека последиците од ова владение ќе ги чуствуваме допрва, бидејќи 12 години хранење со национализам е голем период, па соодветно и опоравувањето од тој период ќе оди тешко.
Кој губи? Па искрено губиме сите, губи државата, губат општините, губи народот. Ова им оди единствено во прилог на одредена група на политичари кои се навикнати да владеат со подбуцнување и контролирано палење на национализмот по потреба, единствено за нивни лични краткорочни политики. Но, национализмот е опасно орудие кое лесно може да ви избега од контрола и после тоа нема враќање назад.
Зелен ЦИВИЛ: Што треба да се направи во овој поглед?
Јанкоски: Како претходно што споменав плодовите од национализмот од режинот допрва ги збираме и ќе ги збираме. Процесот на исфрлање на отровите од телото во случајов со национализмот се одстрануваат тешко па треба подолг период за телото да оздрави односно да ги исфрли.
Што треба? Треба едукација на младите од мали нозе, треба да се научат и воспитаат да имаат толерантност, да ги практикуваат европските демократски вредности, да научат да изнаоѓаат решенија во најтешки ситуации без веднаш да посегнуваат по национализмот. Но мислам дека со влезот во НАТО, а сега и со одпочнувањето на преговорите со ЕУ, темата национализам полека, полека ќе губи на важност и ќе исчезнува од овие простори.
обработка на текст: Ангела Петровска
Зелен караван е дел од проектот „Зелените доаѓаат“ што ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.
This post is also available in: Albanian