Конзулов: Сите губат кога во едно општество растат етничките тензии

Зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот се на агендата и на градоначалникот на Општина Радовиш. Герасим Конзулов. За Зелен ЦИВИЛ, Конзулов вели дека прашањата поврзани животната средина секогаш треба да се разгледуваат во контекст на човековите права и слободи.

Зелен ЦИВИЛ: Кои се зелените перспективи на вашата општина?

Конзулов: Општина Радовиш се вбројува во средно големите општини во државава, што ни дава определена флексибилност во планирањето и имплементацијата на развојните проекти и зелените политики.  По еден подолг период на економска стагнација, денес за прв пат можеме да зборуваме за проекти кои имаат влијание врз благосостојбата на нашата заедница и идниот одржлив економски развој.

Би ги издвоил следните: новата инвестиција со која се реши проблемот со водоснабдувањето во високата зона на градот;  инвестицијата во јавното осветлување со замена на сите стари светилки со нови енергетско ефикасни ЛЕД светилки преку ЕСКО модел на јавно-приватно партнерство; и изготовка на проектот за гасификација на Радовиш до 2021 година и приклучување кон магистралениот гасовод Клечевци -Неготино-Битола.  Вакви темелни проекти, на кои се гради одржлив развој  до пред четити години беа невозможни.

Секако постојат и големи проблеми кои ќе мораме да ги решаваме долгорочно. Имаме мало учество на граѓанскиот сектор во креирањето на зелените политики, свеста на дел од граѓаните за заштита на животната средина е мала, уништувањето на шумата на пл. Плачковица и управувањето со комуналниот отпад се најсериозните еколошки проблеми со кои сме соочени. Во многу аспекти, решавањето на овие прашања ќе зависат од државната стратегија и политики.

Зелен ЦИВИЛ: Кога говориме за зелените вредности, познато е дека тие не се однесуваат само на заштитата на животната средина која, пак, често се меша со поимите поврзани со комуналната хигиена. Зелените вредности подразбираат почитување на човековото достоинство, што подразбира и социјална правда и антинационализам, стратегии за одржлив развој, што подразбира напуштање на принципите на либералниот капитализам... Колку, според Вашите анализи, знаат политичарите во нашата земја?

Конзулов: Несомнено прашањата за животната средина ќе мораме да ги одговараме во контекст на човековите права и одржливоста на системот на експлоатација на природните ресурси.

Транзиционите економии како што е нашатa, од една страна  имаат огормен предизвик да овозможат либерализација и еконоски раст а од друга страна да го менаџираат загадувањето кое го носи. Економските како и еколошките проблеми ги надминуваат локалните и државните граници и нивното решавање бара меѓународна соработка. Зато е битно што сме дел од НАТО и започнуваме преговори за ЕУ.

Ете кризата со пандемијата покажа дека промена во однесувањето е возможна, Европа бележи драстичен пораст во употребата на велосипеди, позитивен тренд кој ние можеме да го копираме.

Зелен ЦИВИЛ: Вашиот став за растечките политички и етнички мотивирани тензии во нашата земја? Кому одат во прилог, а кој губи?

Конзулов: Сите губат кога во едно општество растат етничките тензии. На краток рок, можеби некој ќе се смета за победник во политичка смисла, но дологочно ударот врз целокупното општество е голем.  За жал, пораките кои содржат екстремни позиции стигнуваат побргу и поефикасно до граѓаните, и затоа добар дел од политичките партии ги користат за промовирање на својата агенда без да размислуваат за последиците.

Зелен ЦИВИЛ: Што треба да се направи во овој поглед?

Конзулов: Општествените тензии мораме да ги решавме институционално како што доликува на една земја која што претендира да биде дел од Европската унија. Мораме да бидеме свесни за сопствената општествена улога и посветено да работиме на реформите кои се дел од европската агенда. Пак ќе се навратиме на зелените политики, економскиот развој треба да ги намалува регионалните разлики и општествената нееднаквост. Искуствата покажува дека инклузивните општества ги намалуваат групните тензии со еднаков пристап до државните ресурси за сите граѓани.

обработка на текст: Д. Тахири


Зелениот караван е дел од проектот „Зелените доаѓаат“ кој се спроведува во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел.

This post is also available in: Albanian

Green CIVIL

FREE
VIEW