За управувањето со отпадот и оваа година добивме критики во Извештајот на Европската комисија за напредокот на нашата земја кон ЕУ. Во однос на управувањето со отпадот, од ЕК критикуваат дека законите за управање со отпад сè уште не се донесени.
„Процесот на воспоставување на интегриран регионален систем за управување со отпад продолжува да се соочува со одложувања како резултат на недоволни административни и финансиски ресурси“, се наведува во Извештајот на ЕК во однос на отсуството на напредок за отворање на регионалните депонии во земјава.
Според Законот за управување со отпад, во земјава е предвидено да се формираат осум регионални депонии, а со цел да се реши проблемот со досегашните општински депонии кои не ги исполнуваат стандардите за заштита на животната средина, но и да се затворат дивите депонии што се раштркани на стотици локации низ земјава. Сепак, централната власт со години наназад не може да ја започне изградбата на ниту една од регионалните депонии, каде што би се одвивал современ третман на отпадот.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање за „Мета.мк“ се свесни дека општините во сите региони изминативе години покажале многу ниски капацитети за да можат самостојно да го воспостават регионалниот систем за управување со отпад. Владата во 2018 година ја презеде обврската за да го спроведе процесот за основање на регионалните депонии и да пронајде средства за финансирање на овие проекти.
Најнапред во реализацијата на регионалното управување со отпад се општините во Источниот и Југоисточниот регион, каде градоначалниците потпишаа договори за спроведување на проектите за воспоставување на регионален систем за управување со отпад во рамките на ИПА II и тие продолжуваат со имплементацијата на системот преку ИПА фондовите.
„Во моментов тече постапката за формирање на Јавно Меѓу-регионално Претпријатие за управување со отпад, кое ќе стопанисува со регионалната депонија, претоварните станици и инфраструктурата, која треба да започне да се гради во 2021 година“, информираат од ова министерство.
Во Источниот и Југоисточниот регион во моментов се доставуваат возила до сите 18 општини за собирање и транспорт на комуналниот отпад (грант од ЕУ преку ИПА програмата) и се очекува на почетокот на 2021 година да се затворат сите нестандардни депонии во овие два региона.
Веднаш по нив, е Полошкиот регион, за кој Министерството за животна средина и просторно планирање обезбеди средства од Владата на Швајцарија за изработка на потребната планска документација за воспоставување на регионален систем за управување со отпадот. Дел од средствата ќе бидат искористени и за рехабилитација на регионалната нестандардна депонија во Русино и за зајакнување на техничките капацитети на руралните општини од овој регион за собирање и транспорт на отпадот.
„Градоначалниците на општините во Полошкиот регион треба да продолжат со имплементацијата на системот со помошта од Владата на Швајцарија и да формираат Јавно Регионално Претпријатие за управување со отпад, кое ќе стопанисува со регионалната депонија и инфраструктурата во с. Русино. Во моментов треба да започнат активности, како брзи мерки за санација на локацијата во Русино. Набавени се контејнери за општините во рамките на буџетот на проектот“, велат од ова министерство.
Сепак, со години наназад горлив проблем останува незадоволството на месните жители и локалните власти во општините каде што треба да бидат стационирани регионалните депонии. Во Полошкиот регион, целиот изминат период имаше протести на граѓаните кои бараат дислокација на депонијата „Русино“. Во Вардарскиот плански регион, на пример, советниците од Општина Росоман со мнозинство гласови се изјаснија против изградбата на регионална депонија на територијата на нивната општина. Тие бараат проектот да се реализира на друга локација, иако општинските совети од другите локални самоуправи дадоа согласност за основање на регионалната депонија на заедничка локација во Росоман. Идентичен проблем имаше и во Југозападниот плански регион со Општина Дебарца.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање апелираат до граѓаните за поголема доверба и разбирање за да се продолжи со активностите за воспоставување на регионалните системи за управување со отпад, во чии рамки влегува и отворањето на регионалните депонии.
„Последиците кои во моментов ги трпат граѓаните се исклучиво од неадекватното управување со локациите за депонирање и не преземањето на итните мерки за санација“, појаснуваат од ова министерство.
За да се надмине ваквиот проблем со незадоволството на граѓаните за изградба на регионалните депонии на територијата на нивните општини, се планираат и дополнителни јавни расправи што ќе се одржат во наредниот период.
Инаку, лани беше спроведен проект финансиран од ЕБРД за Вардарскиот, Пелагонискиот, Југозападниот и Југоисточниот регион, со цел да врз основа на физибилити студиите изработени со ИПА фондовите, да се разгледаат опциите за комбинирање на регионите и предложените решенија за управување со отпад и врз основа на спроведената анализа да се предложат, доколку е применливо, ново опфаќање на проектот за управување со отпад за овие региони и да се изработи предлог со инвестициските и оперативните трошоци за новото предложено решение. Изработени се опции за финансирање за четирите региони, но Владата е следна на потег за да обезбеди финансиски средства.
Во Економско-инвестицискиот план на Европската комисија за периодот до 2027 година, со ИПА III фондовите и преку другите извори на финансирање од ЕУ е предвидено да се воспостават интегрираните регионални системи за управување со отпад во Македонија и во другите земји од Западен Балкан, но нема точен податок за тоа кои регионални депонии што е планирано да се градат во земјава ќе се поддржат со европските средства.
извор: МЕТА