Редакцијата на медиумската платформа на ЦИВИЛ им испрати покани за интервју на градоначалничките и градоначалниците на сите општини низ целата земја на кои ќе разговара за теми поврзани со антинационалнизмот, социјалната правда, зелените вредности, како и актуелната политичка состојба, европските вредности и ЕУ интеграции.
Серијата интервјуа ќе бидат објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ досега оствари интервјуа со градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков, градоначалникот на Велес, Аце Коцевски и градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш.
Градоначалникот Петре Шилегов истакна дека стратегиите и политиките што ги води Градот се верификувани на начин што во Скопје во кандитатурата за зелена претстолнина ја помина првата фаза и беше меѓу осумте кандидати.
„За жал, не успеавме понатаму, но тоа се должи најверојатно на повеќедецениската негрижа и на животната околина и на стратешките прашања коишто значат здрава животна средина во едена урбана средина како што е Скопје. Како чекор по чекор ги исправаме тие работи, така се зголемуваат шансите на Скопје да биде носител и на таква титула“, истакна Шилегов.
Градоначалникот Сашо Поцков зборуваше за тоа како прави градот да е позелен, модерен и да ги застапува европските вредности. Тој зборува и за тоа како се победи национализмот во Гевгелија дури и додека траеше проблемот со името со соседна Грција.
„Зелените перспективи во Гевгелија се секогаш предизвик за секој градоначалник, поготово за мене се во работната агенда во мојот мандат, бидејќи јас ветував пред граѓаните дека ќе ја направам модерна и европска и зелена Гевгелија. Направивме три капитални инвестиции, изградба на нов водовод, порано во гевгелиската вода имаше присуство на арсен, сега тоа веќе е минато. Изградба на прочистителна станица која е една од најголемата и најмодерната во Република Северна Македонија и изградба на локална депонија“, истакна Поцков.
Градоначалникот Аце Коцевски зборуваше за тоа дека во минатото Велес важел за еден од најзагадените градови, не само во Македонија, туку и на Балканот, поради тридецениското активно загадување од работата на топилницата за олово и цинк, последици кои се уште се чувствуваат.
„Пред 15 години многу добро се организиравме со граѓанскиот секотор, ја основавме Зелената коалиција. Со заедничка броба успеавме да ја добиеме битката против Топилница. Во тоа време тоа што го направивме беше навистина авангардно и Општина Велес ги доби сите можни награди во тоа време и Велес важеше за репер за тоа како треба општината и граѓанскиот сектор заедно да се борат за чиста и здрава животна средина. Затоа сметам дека е ова многу важно не само за Велес туку и за целата земја. Сите прашања поврзани со зелени општини, зелени градови треба да биде во врвните приоритети на градоначалниците, на општниските совети, на граѓанските организации затоа што од тоа зависи во голем дел квалитетот на живеење на граѓаните штое наша примарна цел и задача“, истакна Коцевски.
Градоначалниокот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш вели дека во изминатите 4-5 години во Шуто Оризари се направени нови базени со вода кои ги задоволуваат потребите на граѓаните, и дека се спроведени нови секундарни мрежи во неколку улици во Шуто Оризари, но не се покриени сите улици во Општината.
„Во наредниот период во договор со Водовод и канализација треба да се работи на тој проблем и во секоја улица да се постави секундарна мрежа и да се засили притисокот. Исто така се поставени и нови пумпи, меѓутоа не може да се засили притисокот на вода бидејќи има дотраена секундарна водоводна мрежа“, вели Дудуш.