Таравари: На патот да личиме на тие каде што сакаме да се интегрираме

Зелен ЦИВИЛ разговараше со градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари, за зелените перспективи на општината, промоцијата, негувањето и разбирањето на зелените вредности и нивната врска со социјалната правда и антинационализмот.

 

ЗЕЛЕН ЦИВИЛ: Кои се зелените перспективи на вашата Општина?

Таравари: Пред се, ви благодарам на поканата, секогаш е чест да се биде гостин на ЦИВИЛ, минатата година зборевме за екологијата, за зелената иднина на нашата општина, и сега, по една година, ги анализираме последните случувања во нашиот град во однос на ова прашање. Можам да кажам дека Гостивар е една од најзелените урбани  општини во која што има најголем број на паркови. Ова со сигурност можам да го кажам.

Овие три години се направени паркови коишто се организирани и во градот и по селата во општина Гостивар. Исто така, во овој период, во овој правец работевме на организирање на стази за велосипедисти со коишто сакаме да ги мотивираме луѓето што сакаат да користат велосипеди или да пешачат до своите работни места, или да се движат низ градот, се со цел да се користат помалку возилата. Мислам дека патеките кои се во должина околу три километри во целата општина,  се добро прифатени од граѓаните.

Овој период како општина субвенциониравме и луѓе што купуваат велосипеди, со цел да ги мотивираме да ги користат што повеќе. И минатата година, и оваа, имавме субвенции за инвертери, за да се користи енергија со која нема да се загади животната средина, иако, како град, сме еден од ретките градови до којшто има депонија која  за жал, функционира веќе дваесет години како регионална депонија, за целиот полошки регион. Постојат огромни факти и аргументи дека депонијата е голем загадувач на воздухот во нашиот град. Можам да се пофалам дека сме од ретките градови што имаат пет мерачи за загадување на воздухот, на почетокот од мандатот немаше  ниту еден мерач за загадувањето на воздухот. Сега има пет, на различни места, поставени се од професионалци, волонтери, граѓани на Гостивар, со што се направи мрежа за проценување на точната стапка на загаденост во сите делови од градот и да имаме еден просек на загадувањето. И тоа не само за една штетна супстанца, туку за десет различни загадувачки супстанци и влијаат негативно на животот на граѓаните. Така што сето ова е транспарентно, и се надевам дека наскоро ќе биде објавено и на веб страницата на Општината за сите граѓани на нашата општина да може да бидат информирани за загадувањето во сите делови од градот.

ЗЕЛЕН ЦИВИЛ: Приказната за депонијата Русино, што е во близина на вашиот град продолжува од минатата година. Што се случува сега со Русино?

Таравари: Од 2015 година, некаде во јуни, од градоначалниците на општините во полошкиот регион е потпишано Русино да биде официјална регионална депонија за сите девет општини од полошкиот регион, иако, како депонија, функционира повеќе од дваесет години. Како дива депонија. Имајте во предвид дека во Македонија речиси и нема официјална депонија што ги исполнува сите стандарди.

ЗЕЛЕН ЦИВИЛ: Дали се уште се наплаќа за исфрлување смет во депонијата. Минатата година се наплаќаше...

Таравари: Се наплатуваше за одредени општини, плаќаа во „Комуналец“, тоа е претпријатие во општина Гостивар, но оваа депонија е дива, како повеќето депонии низ земјава. Имаше една граѓанска иницијатива којашто започна спонтано, иако мислам дека и не беше спонтано, имаше политичка позадина, „Стоп Русино“, иако повеќето членови беа луѓе што се грижат за животната средина, го сакаат Гостивар, сакаат да биде воздухот чист, и сакаат да се дислоцира регионалната депонија од таму, така што јас им се приклучив, мислејќи дека целта ни е заедничка, дека навистина сакаме да се дислоцира депонијата, бидејќи не ги исполнува условите. Професионалци ни кажуваат дека таа е на надморска висина и потребно е малку ветер за сите штетни материи вендаш да дојдат во градот. Значи местото каде што се простира депонијата е неповолно, и ние како општина им се приклучивме и не потпишавме, не го пуштив во советот на општината. Сите советници во општина Гостивар, од сите политички партии ме поддржаа, и ја поддржаа иницијативата „Стоп Русино“, како и една друга невладина „ГВеко“, и заедно, на средба со министерот за животна средина, господинот Насер Нуредини,  успеавме да се договориме дека наредните пет години, депонијата Русино нема да постои. Во меѓувреме, има инвестиција од Швајцарската агенција за развој, којашто овој период треба да започне со активности за средување на загадувањето на почвата и воздухот во цела таа територија којашто е огромна, и се надевам дека ќе има епилог. Во меѓувреме, овие 4-5 години да се бара друга локација за депонија во полошкиот регион, каде би можела да се смести регионалната депонија, и да се санира комплетно делот кај Русино и потоа да се насади и да биде зелена површина којашто може да биде еден огромен парк.

ЗЕЛЕН ЦИВИЛ: Кога говориме за зелените вредности, познато е дека тие не се однесуваат само на заштитата на животната средина која, пак, често се меша со поимите поврзани со комуналната хигиена. Зелените вредности подразбираат почитување на човековото достоинство, што подразбира и социјална правда и антинационализам, стратегии за одржлив развој, што подразбира напуштање на принципите на либералниот капитализам... Колку, според Вашите анализи, знаат политичарите во нашата земја?

Таравари: Тоа е многу индивидуално прашање. Зависи од личните  перцепции  и намерите во политиката. Мислам дека треба да се работи во овој правец, иако, постојат различни типови на политичари, како во земјава така и во регионот. Мислам дека во следните 20-30 години ќе стигнеме таму каде што посакуваме. Сметам дека има огромна разлика од минатите десет години, полека полека сме на патот на којшто треба да бидеме, и сме на пат да личиме  на тие каде што сакаме да се интегрираме во следниот период. Прашањето е многу лично, и секој политишар би требало да одговори за себе.

Дијана Тахири

Камера: Атанас Петровски

Монтажа: Ариан Мехмети

Фотографија: Биљана Јордановска


Таравари: Ингеренции немаме, инвеститорите ги препративме во Владата, реакција нема

 

Green CIVIL

FREE
VIEW