Зелениот караван на ЦИВИЛ денеска во Велес

ЦИВИЛ како дел од Зелениот караван денеска  ќе одржи  работилница „Зелените доаѓаат“ во Општина Велес, во просториите на општината со почеток во 11 часот.

На работилницата ќе учествува градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, како и  претставници на општинскиот совет и институциите, организациите на граѓанското општество, зелените иницијативи, политичките партии, медиумите и активистите во соодветните области. На работилницата се предвидува учество од максимум 20 лица, со почитување на мерките за заштита од КОВИД-19.

Модераторка на работилницата ќе биде Биљана Јордановска од ЦИВИЛ, а со свое излагање за проектот ќе се претстави претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.

Како дел од Зелениот караван предвидени се и инфо-штандови во  Велес, Градско и Кавадарци каде граѓанките и граѓаните, медиуимите и сите заинтересирани лица кои ќе го посетат штандот ќе имаат можност да разменат искуства и ставови со тимот на ЦИВИЛ, а воедно ќе можат да учествуваат во видео анкетата: „Зошто зелено? Кажи го гласно своето мислење“.

Зелениот караван на ЦИВИЛ е посветен на промоција и јакнење на јавната свест за зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот. Социјалната правда и антинационализмот се дел од европските и зелените вредности кои ЦИВИЛ ги застапува во текот на своето 20-годишно постоење, а во изминатите неколку години и во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел, чие регионално седиште е во Сараево, БиХ.

Зелениот караван ќе заврши со национална конференција посветена на зелените вредности и стратегии, како единствена одржлива алтернатива за општеството и за државата. Зелениот караван е дел од проектот „Зелените доаѓаат“ кој се спроведува во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел.

Во претходната фаза од проектот се спроведуваа голем број активности меѓу кои се и тематските фокус групи и медиумската продукција од која се издвојуваат колумните и анализите што се објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ, првенствено на интернет порталот Зелен ЦИВИЛ.


Зелен караван е дел од проектот „Зелените доаѓаат“  што ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.

Green CIVIL

FREE
VIEW