Зелено досие на Велес (прв дел)

Велес го започнал своето зелено досие - зелено. Една легенда вели дека името го добил од словенскиот термин „В Лес“ кој означува „во шума“, со што се означувал пределот со густи шуми во близината на ова населено место.

Долги векови Велес бил зелена оаза и им ги пружал сите благодети на неговите жители, до моментот кога некои од граѓаните водени од профитот не започнале безмилосно да ги сечат неговите шуми. Дел од трупците ги користеле за загревање, а дел и за  правење  на сплавови - дрвени гемии со кои низводно по Вардар  превезувале стока до Солун. Таму  ги растурале гемиите и ги продавале, пак сечеле од шумата и продавале и повторно сечеле и така околните редови на  велешката котлина полни со густа шума потоа низ вековите станале голи и пусти, а жителите веќе почнале да ги чувствуваат последиците од град без шума.

Велес никогаш не си го поврати своите околни шуми иако граѓаните засадувале дрвца правеле паркови и зелени површини во градот. Ридовите на велешката котлина во која е сместен Велес и денес се целосно пусти.

Но, тоа и не беше  и толку страшно за жителите на Велес.  Најстрашното допрва им претстоеше кога на 10 октомври 1973 година беше пуштена во работа Топилницата за олово и цинк „Злетово“.

„Топилница гут, Велес капут“, констатирале германските стручњаци кои ја граделе Топилницата:  Топилницата е одлична, ама Велес и велешани отсега нема да ги биде.

За жал, по граѓаните на Велес нивното најцрно предвидување станало најцрна реалност на градот и неговите жители.

Локацијата на Топилницата  и лошата „ружа на ветрови“  и без доволно филтри за прочитување на воздух, како и нефункционирањето на инсталираните,  црна оловна прашина и други тешки метали  секојдневно од Топилницата  одеа директно кон градот.

Тоа   се’ повеќе  и повеќе им го нарушуваше  и уништуваше кревкото  здравје на граѓаните на Велес  од сите генерации, а  посебно на децата, кои од здрави станаа алергични.

Но, уште пострашно беше  што деформитетите настануваа  уште кај неродените деца, уште во утробите на мајките. За жал, во тој период имаше жени кои поради загадувањето од Топилницата    раѓаа деца  со разни деформитети и аномалии или мртви, а за што лекарите и надлежните молчеа. Потресни слики за овие состојби беа објавувани од новинарите во весниците, а потоа се прикажаа и во документарниот филм „Велес капут“.

Велес сѐ повеќе од убав пристоен  град за живеење  стануваше  црна критична точка. Беше на  врвот на неславната  црна листа  на  најзагадените во тогашна Југославија, но и пошироко, на Балканот и на просторoт на Централна и Источна Европа.

Неговите жители за жал  се’ повеќе стануваа само црна  статистика за тоа колку од нив годишно  се разболеле од разни  болести на белите дробови,  а колку добиле канцер или починале.

Велес  стануваше непожелно место на живеење. Тие што можеа си заминуваа, но најголем дел немаа каде и остануваат да живеат и секојдневно да ги трпат последиците  од енормното загадување на воздухот, водата и почвата.

Строго доверливо

Резултатите од мерењата за присуството на отровите што ги вршеше Заводот за здравствена заштита стоеја под строго "ДОВ", заклучени и недостапни за пошироката јавност.

За нив знаеја само оние што донесоа одлука во непосредна близина на Велес, да се изгради Топилницата.

Раководниот тим на Топилницата ги уверуваа граѓаните  дека таа нема да го загадува градот и дека  не само што ќе вработи поголем број работници, туку дека финансиски ќе биде најдобра.

Најавуваа дека во базенот во кој ќе излегува отпадната вода од фабриката  ќе живеат риби и дека отровите нема да бидат штетни ниту за луѓето, ниту за растенијата, ниту за птиците.

За жал, тоа ветување уште во 1973 година, веднаш по започнувањето со работа, беше една голема лага.  Најнапред велешани секојдневно по улиците наоѓаа купишта изумрени птици.  Наредната година во околината на Топилницата изгореа сите површини со тутун и други земјоделски култури, а не помина многу кога се случи и првиот помор на рибите  во Вардар.

Тони риби изумреа, а надлежните молчеа. Велешани  со марами на устите мораа да одат по улиците, на работа или пак во училиштата, градинките...

Од „големите" финансии во првите години ништо. Топилницата, поради ниската цена на цинкот и оловото на светскиот пазар, работеше со загуби. Облаци од чад го покрија градот. Чисто небо имаше се помалку. Наредбата како што тогаш се велеше „одозгора“ беше да се постигне што поголемо производство. Нека загадува, само да има повеќе произведени тони цинк и олово.

Тие „буџованите“ како што ги нарекуваа во Велес ја направија грешката што не сакаа да ја признаат. Ја криеја, мислеа дека со изградбата на Топилницата во Велес прават големо дело и дека за тоа треба да добијат орден.

Не го послушаа гласот на експертите дека Топилницата ќе ја загади целата животна средина. Но, никако не можеа да го скријат бројот на заболените, мртвородените деца и на оние родени со аномалии. Тоа не можеше да остане тајна и не можеа да го заклучат во сефовите.

Болката на оние што ги изгубија најмилите беше поголема и од строгите казни на тогашната власт.

Не можеа да ги скријат ниту десетиците помори на риба и на целокупната флора и фауна на Вардар. По луѓето, птиците, растенијата и рибите од отровите почнаа да умираат и коњите, магарињата и јагнињата. Тоа не можеа да го сокријат. Тогашната компанија за осигурување, Македонија, во 1975 година престана да им го осигурува добитокот, не само на велешани, туку и на жителите од околните населени места.

Еколошкото друштво „Вила зора“ прво го крена гласот против загадувачот –Топилницата за олово и цинк

Еколошкото друштво „Вила Зора" беше првото што го крена својот глас против загадувањето од Топилницата и покрај тоа што од тогашните власти добиваа закани.

„Не прогласуваа дека сме непријатели на државата. Ни се закануваа и ни велеа дека не треба на велешани, па и на пошироката јавност да им се кажуваат резултатите од тоа колкаво е присуството на оловото, цинкот, кадмиумот, арсенот и другите метали во крвта кај жителите и колку е загадена животната средина. Ние и покрај притисоците во 1989 година го направивме првиот митинг. На митингот, со мотото Сакаме здрава животна средина и здрава вода" беше барањето на протестот на која присуствуваа над 2.500 велешани од сите возрасти.

„Одговорните од Топилницата, Заводот за здравствена заштита и сите други и понатаму молчеа и продолжија да ги кријат резултатите од загадувањето. Ние не застанавме. Митинзи и трибини имаше и во 1990, 1991, 1992 година“, потенцираа од ЕД „Вила Зора“.

Потсетија и дека со формирањето на Движењето на екологистите на Македонија во 1990 година на виделина излегоа многу резултати...

„Основачкото собрание на ДЕМ беше во Велес, а главен иницијатор беше ЕД „Вила Зора“ од Велес“, информираат дека потоа поголем број професори им доставиле резултати од нивните испитувања врз кои докторирале.

„За сите нас резултатите беа фрапантни. Ги обелоденивме. И додека институциите полека се отвораа, првите луѓе на Топилницата и понатаму беа упорни во тоа и велеа дека тие не ја загадуваат животната средина. Но, тоа не траеше долго. На крајот, по осамостојувањето на Република Македонија, и тие мораа на маса да ги стават сите резултати. Во 1999 година, веднаш по донаторската конференција, без изнесени повеќе  резултати од таквите испитувања,  а на наше барање“, потенцираат од ЕД „Вила Зора“.

Друштвото на родители за грижа за здраво поколение во 2003 година во соработка со фондацијата Институт отворено општество Македонија во Центарот за биотичка медицина ЦБМ во Москва беа испратени 70 примероци од коса од деца од Велес. Во извештајот од ЦБМ од Москва од испитувањата на д-р Анатолиј Викторович Скалин е наведено дека од испитаните 70 деца од Велес, кај 30 од нив се пронајдени високи и недозволени концентрации на олово и кадмиум.

Во 2003 Tопилницата за олово и цинк во Велес се затвори, но не поради пробудената еколошка свест на раководниот тим  туку  поради финансиски причини.

По нејзиното затворање целиот фокус на еколошките движење и групации во Велес се насочија за докажување на загадувањето и последиците што тоа ги остави во Велес, но и во нова еколошка  борба против можноста за повторно реставрирање на Топилницата. Истото беше најавувано откако  „Метрудхем“ ја купи и планираше што поскоро да ја рестартира.

Велешани потоа повторно живееја во страв од можноста за  повторно рестартирање на Топилницата.

За   најавениот  протест на 9 ноември 2011 година, Зелената коалиција добиваше се поголема поддршка од разни институции и граѓаните на Велес.

Од "Метрудхем", фирмата која го купи овој пропаднат комбинат, уверуваат дека велешани попусто се плашат, зашто тие планираат две третини од средствата што ќе ги вложат за рестартот да бидат наменети за подобрување на еколошката средина во Велес.

Граѓаните на Велес не веруваа во овие ветувања. Во тоа време во медиумите излегоа информации дека  кога ја купувале Топилницата, газдите на "Метрудхем" барале износот од 2,2 милиони евра да го платат на рати.

Поради тоа велешани се прашуваат како може газдите на "Метрудхем", кои пред три месеци немале 2,2 милиони евра  да платат за купување на Топилницата, сега да ветуваат дека ќе вложат 100 милиони евра  во екологијата и подобрувањето на животната средина.

На заложбата на  Зелената коалиција и на Општина Велес  во никој случај да не се рестартира Топилницата за олово и цинк, им се придружија спортистите, спортските работници и клубовите, како и лекарите кои апелираат дека  Топилницата не смее да се рестартира бидејќи на велешани здравјето им е веќе многу нарушено.

„Конечно откако се затвори Топилницата ние имаме трудници кои не примаат железо. Конечно имаме здрави трудници без анемии. Порано такво нешто немаше затоа што сите до една страдаа од тие болести. Сега во подобра состојба се и децата и останатите граѓани. Затоа ќе го поддржиме протестот“, изјави тогаш  д-р Лилјана Чолакова - Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија.

Антоанела Димитриевска

„Зелено досие на Велес“ - приказна за град во кој животот ви е опасност, до град кој посакува зелена иднина. Зеленото досие ќе се објави во 3 продолженија. 

Зелен караван е дел од проектот „Зелените доаѓаат“ што ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.
Please follow and like us:
Green CIVIL

FREE
VIEW