Нуредини: Осогово стана заштитен предел, а донесени се одлуки за постапки за Водно, Студенчишко Блато и Охридско Eзеро

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини со големо задоволство информира дека на денешната Седница, Владата на РСМ  донесе неколку  одлуки кои се од големо важност за актуелните процеси за заштита на природата во нашата држава.

Донесена е Одлука за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје во категорија V - заштитен предел, заради разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, природни убавини, како и заради зачувување на специфичната интеракција на луѓето и природата. Вкупната површина на Заштитен предел - Осоговски Планини изнесува 48807.16 хектари, a ќе управува Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“ со потполна одговорност – Скопје.

Во исто време, министерот Нуредини во име на МЖСПП изразува благодарност до Програмата за зачувувуње на природата во Северна Македонија (ПЗП), Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), Фармахем Скопје, Македонско еколошко друштво, Национални Шуми и сите други инволвирани страни што го поддржаа овој процес.

На оваа Седница, Владата донесе и Одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на локалитетот Студенчишко блато за заштитено подрачје во категоријата парк на природа  и Одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата заштитен предел, со што МЖСПП ќе може да ги започне постапките за прогласување согласно законските процедури.

Исто така, министерот Нуредини информира дека Владата го разгледа и прифати  апликационото досие (РИС) за номинирање на Охридско Езеро за Рамсар место во Светската Рамсар Листа.

Со тоа, Министерство за надворешни работи во соработка со Министерство за животна средина и просторно планирање ќе може да ја започне постапката и да го достави апликационото досие (РИС) за номинирање на Охридско Eзеро за Рамсар место во Светската Рамсар Листа до Секретаријатот на Рамсараска конвенција до крајот на оваа година. Со оваа одлука на Влада, нашата држава го добива третото Рамсар подрачје.

 

Green CIVIL

FREE
VIEW