ПРАВО НА ЗДРАВА ЖИВОТНА СРЕДИНА

пишува МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА

Луѓето се дел од природата и од глобалниот екосистем на Земјата.

Всушност, кога зборуваме за односот меѓу човековите права и животната средина (водата, воздухот, почвата и целокупниот растителен и животински биодиверзитет кој постои на Земјата), станува збор за три различни компоненти кои треба да ги имаме предвид:

- влијанието на животната средина врз остварувањето на човековите права,

- потребата од постоење на човековите права со цел заштита на животната средина и

- воспоставувањето на правото на здрава животна средина како посебно човеково право.

1. Безбедната, чиста и одржива животна средина, биодиверзитетот и стабилниот екосистем, се неопходни за потполно практикување на човековите права. Секоја повреда на природата повеќе или помалку влијае врз животот на човекот и остварувањето на неговите права.

Правото на живот, правото на уживање на највисокиот можен стандард на здравје, погоден за живеење достоинствен живот, остварувањето на правата на образование, семејство, работа, ... се директно или индиректно поврзани со здравата животна средина и заштитата од опасни материи и зрачења, како и со можноста за производство доволни количини здрава храна.

Должината на животниот век е во голема мера поврзана со здравата животна средина. Голем број заболувања кои влијаат на можноста човекот да живее исполнет живот (да се образува, да ја работи работата која што ја сака, да спортува, да се забавува, но и да основа семејство и да има потомство) се поврзани со нарушувањата на животната средина. Достапот до доволна и соодветна храна во голема мера е поврзан со животната средина.

Бидејќи само во рамките на безбедна, чиста, здрава и одржива животна средина може да се почитуваат, заштитат и остварат човековите права, од исклучително значење е воспоставувањето суштински стандарди и обезбедување ефективно спроведување на овие стандарди против јавни и приватни учесници кои со своите активности ја загрозуваат животната средина.

Загрозувањето на животната средина може да има посебно тешки последици за остварување на правата  на најранливите групи (деца, возрасни, луѓе со попреченост, жени, луѓе со хронични заболувања) или на правата на оние кои се изложени на посебен ризик од штетата нанесена на животната средина (земјоделци, рибари, градежни работници и сите оние изложени на драстичните временски последици од климатските промени)

2. Заштитата на животната средина не може да биде остварена без постоењето на човековите права. Практикувањето на основните човекови права (слобода на изразување и здружување, образование, соодветно информирање, учество во процесите на одлучување, ефективна заштита и обесштетување), се суштински потребни за заштита на животната средина.

Можноста за практикување на овие права создава услови за акција насочена кон заштита на животната средина, односно, почитувањето, заштитата и обезбедувањето на  човековите права е неопходно за обезбедување сигурна, чиста, здрава и одржива животна средина

Луѓето треба да имаат право на слобода на изразување, здружување и мирен протест за да можат да реагираат на загрозувањето на животната средина и да ги постават прашањата поврзани со животната средина.

Само во услови на соодветно образование,  достапни и разбирливи информации   за прашањата поврзани со животната средина и разработени канали за учество на јавноста во процесите на одлучување, може да се создаде критична маса луѓе кои го препознаваат и ќе реагираат на загрозувањето на животната средина, и ќе можат да ја заштитат животната средина.

Заштитата на животната средина во голема мера зависи од борбата со дискриминацијата. Само во држава во која нема дискриминација во однос на практикувањето на безбедна, чиста, здрава и одржива животна средина може да се очекува голем број граѓани да ги почитуваат мерките насочени кон зачувување и заштита на животната средина.

3. Во рамките на концептот за човекови права постепено се профилира правото на здрава животна средина според кое сите луѓе имаат право да живеат во средина погодна за нивното здравје и благосостојба.

Ова претставува комплексно право кое во себе сумира поголем број права и кое се карактеризира со неколку посебни елементи кои го издвојуваат од другите права на човекот.

Прва специфика на ова ново право (или нов кластер од права) е тоа дека станува збор за мешавина од индивидуални и колективни права. Значи не само колективно практикување на правата кои инаку се индивидуални, туку и  колективно трпење на последиците од повредата на ова право и потреба од колективен настап и делување со цел заштита на правото и постигнување на саканиот резултат.

Втора специфика е поставувањето на обврска кон државите да избегнуваат преземање или дозволување активности кои имаат влијание врз животната средина  со цел овозможување на остварувањето на правата на луѓето.

Посебна специфика на остварувањето на ова право е таа дека последиците од нарушувањето на животната средина не ги трпат само тие кои ја нарушиле и никако не се ограничени со административните граници на одделни држави. Овие нарушувања стануваат проблем на целото човештво и подразбираат потреба од решенија зад кои ќе застане целото човештво.

Уште повеќе, правата поврзани со животната средина не се само права на една генерација. Проблемот е во тоа дека односот кој го воспоставувавме со животната средина не ги засега само правата на актуелните генерации туку има директно влијание и на правата на генерациите кои допрва доаѓаат. Многу често станува збор за загрозување на правото на живот и на соодветни услови за работа и развој на идните генерации. Од моралот на нашата денешна заедница зависи животот на некоја идна генерација.

Ова подразбира потреба од развивање неверојатно висока свест за заедницата и заедничкото добро, заедничко делување кое се базира на соработка, координација на активностите и антиципација на широк круг последици од денешното делување.

Значењето на ова ново право мора да биде засилено и потврдено со негово експлицитно идентификување во уставите на државите (како највисоки законски акти и како акти кои траат и кои сами по себе ја обезбедуваат комуникацијата меѓу генерациите).

Меѓутоа, имајќи ја предвид комплексноста на можното загрозување на животната средина и уште поголемата комплексност на активностите потребни за нејзина заштита, неопходен сегмент на колективното делување станува меѓународната акција и воспоставувањето принципи на односот меѓу човековите права и животната средина.


Текстот е дел од проектот „Зелените доаѓаат“  што ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.
Green CIVIL

FREE
VIEW