ЦИВИЛ им посакува Среќна Нова 2021 година на сите граѓанки и граѓани на Северна Македонија и на светот.
Измина една тешка година со тешки и трагични последици од КОВИД-19 пандемијата. Човековите права и слободи беа ограничени насекаде во светот, поради карантинот и здравствените мерки за заштита од вирусот. Движењето и физичкото групирање на луѓето беа ограничени, со цел да се заштити јавното здравје.
Не изостанаа ни трагедиите кои ги носат војните, оружените конфликти и тероризмот.
Во ужасни пандемски услови, милиони луѓе бараа надеж во бегството од воените жаришта или од екстремната сиромаштија.
Дезинформациите и хибридните закани внесоа неред во и онака тешката состојба во која се наоѓаше светот, обидувајќи се да ја продлабочат кризата, да ги поделат луѓето и да внесат страв и недоверба.
Но измина и година на надежта и борбата на Човекот. Тоа беше и година на солидарноста и пожртвуваноста.
На првите линии на борбата против КОВИД-19 се најдоа лекарите и сите здравствени работници кои деноноќно се бореа да спасат човечки животи, ризикувајќи ги сопствените животи.
Херојство покажаа и сите што помогнаа во борбата – граѓанските организации, медиумите, полицијата, војската и безброј други безимени хероини и херои.
Светот се промени и покажа дека може да биде и подобро место за живеење. Иновациите и новите технологии се развиваа од ден во ден и го олеснуваа животот на луѓето. За помалку од една година беа развиени вакцини против КОВИД-19, а вакцинацијата на светското население веќе започнува.
Светот никогаш не бил повеќе поврзан од денес. Наспроти сите предизвици и грешки, Човекот постигна гигантски успеси во изминатата 2020 година.
Новата 2021 година носи многу нови надежи и многу нови борби за подобар и достоинствен живот за Човекот.
Повеќе од било кога порано, поединецот ја покажа својата вредност.
Со висока граѓанска свест, солидарност и посветеност, секој човек може да помогне во подобрување на својот и животот на многу други луѓе во својата земја и во светот.
Членовите на ЦИВИЛ упатуваат силна, искрена и позитивна мисла и порака за почитување на човековите права и слободи, еднаквост, мир, просперитет и здравје за сите луѓе во светот.
Среќна Нова 2021 година!