Нуредини: Планот за спас на Преспанското езеро е во владина процедура на усвојување

На денешната прес-конференција министерот за животна средина и просторно планирање ги шрезентираше постигнувањата на министерството во првите 100 дена од новата Влада.

„Соочени со бројните долгогодишни предизвици во животната средина во време на пандемија, се фокусиравме на воведување на политики кои ќе обезбедат подобра имплементација на еколошките стандарди и заштита на нашата околина, но и преземавме конкретни мерки за обезбедување на правото на здрава животна средина на секој граѓанин“.

При тоа, тој посочи дека до Собранието се поднесени измени на девет закони од областа на животната средина, во кои се предвидени до дваесет пати повисоки казни за загадувачите, и дополнително со новиот Закон за прекршоците е предвидено е секој што ќе ги прекрши законите од областа на животната средина или нема да работи согласно дозволите, покрај тоа што ќе мора да ја плати казната, ќе треба да ја надомести и сторената штета.

Подобрувањата на регулативата и построгите стандарди, главно се фокусирани во три клучни области: рамковниот закон за животна средина, на воздухот и на отпадот.

Со предложените измени на Законот за животна средина создадовме алатка за справување со историското загадување и жешки точки во државата преку утврдување на Методологија за идентификација и систем за ремедијација на историското загадување и жешки точки, со конкретни обврски за ремедијација и со пропишување на содржината на Планот со кој истата ќе се спроведува согласно светските стандарди. Дополнително, се утврдија нови надоместоци за животна средина според испуштените емисии, заради стимулирање на по еколошки возила.

„Истовремено, изготвивме и доставивме до Собранието и измени на Законот за квалитет на амбиентниот воздух со кои се утврдија критериуми и донесување на Листа на општини кои ќе мораат да изготват Планови за чист воздух за своите граѓани. Дополнително, согласно ЕУ законодавството, се пропиша обврска за донесување на Краткорочни акциски планови во периодите кога имаме високи концентрации на загадување во одредени општини, кои ќе мора да бидат одобрени од Министерството за животна средина и просторно планирање и да содржат конкретни задолжителни мерки кои се однесуваат на транспортот, индустријата, ранливите групи, работното време и така натаму. Доколку општините не ги спроведат овие мерки, Владата ќе може да предвиди стапување на сила на вакви рестрикции не само како препораки, туку како наредби“ потенцираше Нуредини.

Започнати се и нови активности чии резултати во претстојниот период ќе бидат видливи за јавноста. Меѓу нив се законските решенија за кои веќе се изработени нацрт верзии и за кои ќе следи процес на јавна консултација: Нов Закон за природа, Закон за контрола на индустриски емисии и Закон за инспекција во животната средина.

Како мошне важен исчекор на Министерството, во поставувањето на повисоки еколошки стандарди во државата, според Нуредини, е изработката на сетот на шест нови закони за управување со отпадот, со кои комплетно ќе се имплементираат принципите на циркуларна економија во управувањето со отпадот. Предлог законите се веќе во Владина постапката и во најкус можен рок ќе бидат испратени во Собранието.

Суштинските придобивки, како што нагласи Министерот за животна средина, се што:

- Ќе се зајакнат обврските за производителите и колективните постапувачи, како и општините за да се обезбеди потребното селектирање на отпадот.

- Се воведува хиерархија во постапувањето со отпадот, утврдување на статус на секундарните суровини и укинување на статусот на отпад за производите кои можат да се реискористат, рециклираат и преработат за да не завршуваат на депониите.

- Се воведува финансиска одговорност за производителите на пакување, батерии и акумулатори, електричен и електронски отпад, како и сосема нови текови на отпад со искористени возила, отпадни масла, отпадни гуми и текстил.

- Предвидена е забрана за пластични ќеси, еколошки дизајн на пакувањата и можности за кауција и стимулација на повратна амбалажа.

Одговорноста за целиот финансиски циклус на отпадот од посебните текови од производство до рециклажа е на производителот, а на граѓаните останува селекцијата на отпадот. Општините заедно со колективните постапувачи имаат јасни обврски за овозможување на оваа услуга на сите граѓани.

Во делот на планските и стратешки политики, во првите сто дена, МЖСПП изработи Национален план за управување со отпад на Република Северна Македонија за периодот 2020-2030 и го заврши процесот на стратегиска оцена на животната средина на Планот. Исто така се изработи и нова Методологија за изработка на просторни планови во Република Северна Македонија, како подготвителна активност и започната е изработка на новиот современ и дигитализиран Просторен план на РСМ, со јасна визија за влијанијата на климатските промени за наредните 20 години.

Сериозен прогрес е постигнат и од аспект на климатските заложби, па така, покрај изработката на првата работна верзија на Нацрт законот за климатска акција кој наскоро ќе започне да се разгледува во пошироки консултации во работни групи, доставен до Владата е и Трет двогодишен извештај за климатски промени и Ревидиран Национален утврден придонес кон Договорот од Париз со зголемена амбиција при што како држава ќе се обврземе за до 51% редукција на стакленичките гасови до 2030 година. Со изработка на овие плански документи РСМ е далеку понапред од соседните држави, па дури и од некои држави членки на ЕУ.

„Исклучително сум горд што како Влада, на наша иницијатива, во првите сто дена прогласивме ново заштитено подрачје во државата. Осоговските Планини станаа заштитен предел со што на национално ниво процентот на заштитените подрачја се зголеми за 1,9 %, и обележавме значаен придонес во исполнување на Аичи целите на Конвенцијата за биолошка разновидност и препораките на ЕУ Директивите за живеалишта и птици“ рече Нуредини.

Покрај тоа, беше изготвен е Нацрт-Закон за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, и комплетиран процесот на консултација со јавноста. И покрај предизвиците заради пандемијата, експертскиот тим и секторите на Министерството направија напор преку сите електронски канали за комуникација, медиумски презентации, отворени телефони и низа теренски активности и состаноци, да обезбедат учество на јавноста во креирањето на предлогот. Во тек е разгледување на пристигнатите коментари од голем број различни засегнати страни и теренски активности и дополнителни средби за усогласување и добивање на финален, усогласен Предлог Закон кој ќе ги обезбеди барањата, пред се, од локалното население.

Покрај тоа започнати се постапки за прогласување и на други нови заштитени подрачја, по усвоените иницијативи од страна на Владата.

- Донесена е Одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата V заштитен предел,

- Одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на локалитетот Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категоријата парк на природата,

- поднесено е апликационото досие за номинација на Охридско Езеро и Студенчишко Блато на Листата на Рамсарската Конвенција од страна на Владата.

- Започнати се процесите за ревалоризација на подрачјата и изработка на Планови за управување на Охридско Езеро, Преспанско Езеро и останатите национални паркови: Пелистер, Маврово и Галичица.

Исто така, идентификувани се потенцијални три Натура 2000 подрачја во Брегалничкиот регион: Овче Поле, Долна Брегалница и Ченгино Кале, а тестиравме и механизам за плаќање на екосистемски услуги на пилот заштитено подрачје - Споменик на природа Вевчански Извори.

Започнат процесот на вклучување на јавноста во донесување на Планот за управување со Охридското Езеро, заради што веќе во текот на денот се одржа првата консултативна средба по студијата за ревалоризација на Охридското Езеро.

Во информирањето за работата во првите 100 дена, министерот Нуредини реферираше и за активностите што се преземени во однос на трендот на намалување на водостојот на Преспанското Езеро, што веќе, за жал, достигнува алармантни размери, потенцирајќи дека централната и локалната власт, заедно со стручната јавност со ова прашање се занимава од почетокот на годината на национално и меѓународно ниво.

„Во првите сто дена од новиот мандат јас остварив и директни средби и телефонски разговори со ресорните Министри и високи претставници на Албанија и Грција заради започнување на работата на трилатералниот Преспа Парк комитет и работните групи.

Но, она за што сум посебно благодарен и горд, е тоа што Експертската работна група за спас на Преспанското Езеро, со претставници од надлежните институции, академијата и невладиниот сектор ја заврши нашата домашна задача. Со исклучителен и студиозен напор Експертската работа група пристапи кон изработката на итен Акционен План со мерки и приоритетни активности поради намалувањето на нивото на водата во Преспанско Езеро, пропратен со финансиска конструкција за имплементација на краткорочните и среднорочните документи. Планот е во владина процедура на усвојување, и сите документи се достапни за јавноста на нашата веб страница. Искрено се надевам дека имплементацијата ќе започне во најкус можен рок, и дека ќе успееме да ги намалиме антропогените притисоци врз оваа клучна жешка точка на биодиверзитетот, која ги трпи последиците од климатските промени, природните циклусни осцилации, но и често пати неодговорното однесување на човекот кон природата“ рече Нуредини.

Во однос на конкретни активности со кои МЖСПП се бори со загадувањето и директно влијаеме на остварувањето на правото на здрава животна средина на граѓаните во првите сто дена, министерот ги наведе следниве:

- Поставена е нова мониторинг станица од Државниот мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух во Гевгелија и извршена е комплетна замена на мерните инструменти во станицата Битола 1, со дополнително опремување со инструмент за мерење на PM2.5.

- Од буџетски средства заменети се 30 мерни инструменти, и дополнително се набавени и два нови инструмента за мерење на ПМ 2. 5 честичките.

- Преку ИПА 2, набавени и дистрибуирани се опрема и 39 возила за собирање на комунален отпад во Источниот и Североисточниот регион.

- Завршена е имплементацијата на Системот за квалитет кој го предвидува стандардот за акредитирана лабораторија и во тек е проверка од Институтот за акредитација со што ќе се акредитира државна лабораторија за животна средина како исклучително важно за контролата на загадувањето на терен и во пракса.

- Безбедно е завршен процесот на преточување на Винил Хлорид Мономерот од Охис, по што тој беше транспортиран и уништен во Германија.

- Договорот со избраниот понудувач (фирмата Полиеко) за чистење на линданот од малата депонија во Охис и третман надвор од државата. Во Министерството започна процесот на одобрување на деталниот план за ремедијација и обезбедување на потребната документација за отпочнување со работа на терен.

- Сервисирана постојната опрема и набавена дополнителна нова опрема за процесот на редукција на шестовалентен хром во пречистителната станица во Јегуновце.

„За побрзо зазеленување на нашата држава и зачувување на природните богатства, исклучително важно е да разбереме дека животната средина е обврска и бара ангажман од сите нас “ порача Нуредини во последниот дел од обраќањето укажувајќи на значајот од вклучувањето на сите чинители и сите механизми и капацитети на централно и локално ниво во процесите за спроведување на зелена агенда во државата. При тоа како активности во кои имаме интерсекторска соработка ги посочи:

- Подготвување на листа на општини што мора да изготват Акциски планови за чист воздух согласно новите измени на законот за квалитет на амбиентниот воздух,

- Мапирани се институциите кои ќе преминат на зелено гориво, со приоритет на здравствените установи и училиштата (мапирани се јавните згради кои се греат на мазут, нафта, екстра лесно масло, дрва и јаглен),

- Доставена е листа на Задолжителни Стандарди за квалитет на цврсти горива до Министерството за економија за регулација на квалитетот на цврстите горива што се користат во домаќинствата,

- Со Министерството за финансии започната е иницијатива за одвојување на средства за субвенции за електрични и хибридни возила,

- Како и за креирање на фонд за животна средина кој ќе остварува инвестиции во различни области на животната средина,

- Поднесени се предлози до Министерството за здравство за воспоставување на заштитни зони околу 12 водни тела во РСМ.

„Со силна верба дека со поставување на повисоки еколошки стандарди и дека со заеднички сили во поддршката, примената и контролата на исполнување на истите ќе успееме да ја зазелениме нашата држава и да обезбедиме здрави животни услови за сите нас.

Потребно е многу мало невнимание за деградирање на животната средина, а многу време и посветеност за нејзино враќање во живот.

Апелирам за вклученост и придонес на сите во борбата со загадувачите, во заложбите на институциите и во остварувањето на целите за одржлив развој. Зелениот развој е возможен, само бара одговорност од сите“ порача Нуредини.

Green CIVIL

FREE
VIEW