Добра вест: Охридско ќе стане “регион во опасност“ според УНЕСКО!

пишува: САШО ОРДАНОСКИ

Прво, да се потсетиме на фактите…

Пред четириесетина години, регионот на Охрид, Струга и дел од Дебрца беа дефинирани како „светско наследство“ од страна на УНЕСКО, што е престижен статус којшто, до денес, е доделен на само триесетина такви региони на целата планета Земја.

Денеска е веќе извесно дека тој уникатен статус УНЕСКО ќе го стави под графата „културно наследство во опасност“ заради познатите околности на нарушување на автентичните природни и културни карактеристики што некогаш беа светски препознаени во овој наш регион. Во 2017 година од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО (во кој седат 21-земја членки) ни испратија предупредувачки „катил ферман“ со наведени 19 препораки со чие исполнување би го задржале заштитениот статус.

Тогаш, со право, настана мала возбуда во Македонија, па со решителни дипломатски напори и со преземање на неколку значајни чекори по препораките, УНЕСКО добронамерно ја одложи таквата одлука на една година. Следуваа две Реактивни мисии (во април 2017 и во јануари 2020 година, покривајќи го и брегот на Охридското Езеро во Албанија) за теренски да се проверат активностите на надлежните во државата за спроведување на референците на УНЕСКО. Тие мисии, заради неисполнување на голем дел од насоките, побараа Охридскиот регион да биде прогласен како „светско наследство во опасност“. Речиси е сигурно дека Комитетот за светско наследство на својата следна седница ќе се согласи со експертските препораки.

Во меѓувреме, очекувано (а и добро за нас), работите се искомпликуваа и на поинакво ниво: во „случајот“ се вклучи и Европската Комисија која во последниот Извештај за земјава ја официјализираше потребата од заштитата на Охридскиот регион во поглавјата за култура и животна средина, објавувајќи дека спроведувањето на препораките на УНЕСКО ќе станат дел од формалниот процес на европската интеграција на РСМ во ЕУ.

Е, тука Владата веќе се возбуди малку повеќе, па на една своја минатогодишна ноемвриска седница, под заглавието за „Клучни приоритети“ за 2020 година и во рамки на заложбите за „борба против корупцијата“, го наведе “зачувувањето на Статусот на УНЕСКО и неселективното спроведување на одлуките за отстранување на нелегални градби”.

* * *

Доброооо… Ова се, накусо, фактите. Но, каква е нивната смисла за нашето сегашно „положение“ по ова прашање?

Мене ми се чини дека Македонија сè уште не му е дорасната на предизвикот во своите граници да го има светски значајниот Охридски природно-културен регион. И тоа не затоа што сме ние, неопходно, глупави, злобни, корумпирани или растурикуќи „како такви“; туку повеќе затоа што тој контроверзен предизвик не можеме да го вклопиме во нашите современи, ургентни општествени и економски аспирации.

Имено, нашиот контрадикторен однос кон Охридскиот регион датира пред многу децении. Во социјализмот, државата спроведе два спротивставени правци на развој на тоа подрачје: од една страна, колку што тогаш се знаеше и можеше, се преземаше заштита и конзервирање на непроценливото културно, а и природно наследство на регионот; и, од друга страна, се спроведе политика на претворање на охридското крајбрежје во едно големо работничко одморалиште на македонската работничка класа, со низа синдикални објекти и придружни, поскромни, туристички зафрканции за забава на работниот народ и социјалистичката младина.

Во целиот развиен свет, езерскиот туризам е поскап и поелитен од морскиот. Нам тука, во Македонија, ни фалеше наше море, на чии плажи ќе кркаме лубеници и паризер-сендвичи донесени од дома!

Кога, потоа, падна социјализмот и дојде капитализмот на општествениот дневен ред, таа двојна политика продолжи, само што државни пари за културно-природна заштита никогаш не се одделија доволно, а пред-капиталистичката претприемачка македонска иницијатива (жизнерадосна, корумпирана, импровизантска, профитерска и сл.) само го надгради синдикалниот „морски“ туризам, во поразвиен вид на провинцијален „морски“ туризам, со десетици хотели и хотелчиња, апартмани и угостителски преуредени визби од сите средни, ниски и пониски сместувачки класи, со коцкарници, дискотеки, плажи и барови, со кафеани и коноби, со заносниот мирис на пржени „американски крофни“ и недопечени лесковачки плескавици и други содржини инспирирани од турските серии и американските филмски Ц-продукции. Сосема типично за пост-социјалистичките урнебесни урбани катастрофи низ поголемиот дел од светот.

Сега сме тука кај што сме: Охрид, тој грандиозен светски столетен споменик на културата, ни е дел од горливиот (и оспорен) национален идентитет, но и несопирлива можност за пост-социјалистичка уживанција во која радосно се валкаме два-три месеци во годината како прасиња во пресна кал. Ем сме многу горди на тој историски „бисер балкански“; ем го доживуваме како „мало балканско Монако“, кое нема речиси никаква историска важност, но затоа е поим за „видете-ме-ебете-ме“ светскиот џет-сет, со глисери, базени, танги, казина, диви летни тераси, доградби и надградби и скапи (и многу, многу евтини) автомобили паркирани по тревниците и плажите, на три метри од езерската вода. Уживанција во балканска Франција!

Ах, да го направевме она прочуено парапетче околу целиот брег, да донесевме со камиони песок од некои блиски морски плажи, па и Субрата Рој Господ ќе го видеше на овдешната Света Земја!

И, сега, што да прави оваа – или која било друга – Влада или локална самоуправа со овој наш внатрешен „психосоматски“, адолесцентен општествен, културен, идентитетски, духовен конфликт?! Сакаме да живееме во православен природно-културен музеј од едикојси среден и пред тој век; или сакаме да се шлапкаме со апостолките по имитацијата на мермер по локалните диви тераси и узурпирани плажи? Поважна ни се крајбрежните трски или полноќните журки до утре сабајле? Ќе порибуваме или ќе продолжиме да фрламе во езерото стари гуми и ве-це-шолји?

Затоа, добар е овој жолт-накај-црвен картон што ни го дава УНЕСКО, бидејќи нам уште ни треба време самите да решиме што сакаме да правиме со себе во Охридско-струшкиот регион. Сегашната власт дава знаци – и не многу повеќе од тоа – дека „живиот охридски музеј“ треба да се обнови, а потоа и да се зачува за следните генерации. Ама голем дел од оваа генерација – облечени во маички на кои пишува “Je suis Ramiz Merko”! – прави сè што е во наша моќ да бидеме последните кои ќе го изгасат светлото во тој музеј.

Решението е просто: стриктно почитување на законите од сите области што ги бара УНЕСКО. Ама, па, баш ли од Охридскиот регион да почнеме да се цивилизираме?!

 


Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.

Green CIVIL

FREE
VIEW