Езерото Треска...

пишува: архитект ДАНИЦА ПАВЛОВСКА-ЦИГИ

Сѐ уште го живееме моментот на можната и посакуваната промена на општествените односи, формации и системи, во кои некаде длабоко веруваме.

Да се обидеме да фрлиме објективен поглед на некои важни аспекти на феномените што самите ги произведуваме, што си ги живееме најчесто како последица на нашата неспособност, несоодветно делување и неодговорност. Тоа се обично напластени тежини на нашата живеачка па донесувачите на одлуките,  политичарите, за нивно олеснување  најчесто имаат мака. Од нив се очекува  да имаат посветеност, искрена чесност, висока политичка култура и стручни тимови/советници за одбир на приоритетите за општо добро.  Се работи за „зелените“ вредносни ориентации во актуелните политики како егзистенцијална потреба и неминовност за оправање на наследените лоши состојби. Практикување на нова „зелена“ филозофија во сите сфери на делување и во сите сектори на управување, е и разумно, и логично и трендовски.

Езерото „Треска“ во Општина Сарај, Скопје каде е прогласена слободна туристичка зона (како велат новинарите, а не може да се направи увид во таа одлука) стана тема на нашата реалност која е замаглена и оптеретена со перманентна узурпација на зелените простори перцепирани како слободни. Законски предвидената процедура веројатно била испочитувана и помината, но етичкиот момент во нашето однесување изостана. Многу е битно што езерото е градено од самопридонес, а тоа значи негување на човечкото на колективно ниво. Едноставно, концептот солидарност е најхуманата димензија на политиката, така што е очекувано и минимално цивилизирано да се покаже (макар) почит кон така создадената вредност (ма колку да е девастирана). Тоа не треба да е предвидено во законите, регулативата, процедурите, тоа треба да е код на однесување на култивираните политичари и менаџерите на просторот (на државно, регионално и локално ниво). Транспарентноста во третманот на ваквите локалитети не смее да се запостави затоа што може само да е од корист, така што тој пропуст на (добронамерен) процесот многу штети. Уредувањето на делот со приколките се доживеаја како атак и веднаш се обои „етнички“ , па патот поплочен со добри намери доведе до конфликт. Незнаење, некадарност, површност, неинформираност. Сопственичкиот статус и останатите правни аспекти сè уште една непознаница што бара утврдување и разоткривање, па е неблагодарно воопшто јавно да се настапува. Но, пожелно е да не го баталиме прашањето и да подготвиме и покренеме (институции, граѓани, стручната фела...) широка дебата околу програмската содржина на планот за (и околу) Езерото „Треска“ . Треба да дојдеме до дефинирање на можностите, барањата, потребите и конечно да го уредиме тој простор како дел од живеењето на градот Скопје, неговите вложувања, неговиот капитал, неговата меморија, силниот сентимент.

Некои од планерите би препорачале во овој период на веќе отпочнат нов Генерален урбанистички план (ГУП) на Скопје – визија за идниот просторен развој на градот,  да се предложи, разгледа и резервира токму овој простор за ширење на градот. Со оглед на урбанистичките параметри, погодноста како тангентен простор и „зелениот“ потенцијал како премиса, тоа може да е интенцијата. При тоа изготвувачот - тимот на Агенцијата за планирање на просторот со својата методолошка конзистентност и сета своја стручна поткованост  ќе застане зад содржините, функциите и димензиите на  новите „зелени“ концепти  на ГУП-от.

Green CIVIL

FREE
VIEW