Министерот за животна средина и просторно плaнирање Насер Нуредини, директорот на Агенцијата за планирање на просторот Андријана Андреева и раководителите на осумте Центри за развој на планските региони, денеска потпишаа Меморандум за соработка, со кој сите страни ја изразија подготвеноста за соработка во процесот на изработка на Просторен план на Република Северна Македонија.
Нуредини, како што соопшти Министерството, во поздравното обраќање истакнал дека потребата за изработка на нов просторен план произлегува од истекувањето на постојниот плански документ, но и заради промената во условите и современите потреби на нашето општество.
Просторниот план, додаваат, претставува национална стратегија за просторен развој и дава насоки за организација, користење, заштита, уредување и управување со просторот на државата. Процесот на изработка на Просторниот план, како што посочуваат, ќе биде инклузивен и ќе ги вклучи сите релевантни институции во државата, како и невладиниот сектор, а ќе биде усогласен и со регионалното просторно планирање преку консултации со соседните земји и усогласување на пограничните и прекуграничните активности.
Нуредини рече дека новиот Просторен план на државата ќе биде современ и визионерски и ќе овозможи долгорочен и одржлив социо-економски развој, превенција и контрола на неговото штетно влијание врз животната средина и ќе воспостави баланс меѓу расположивиот простор, економскиот и демографскиот развој, природните и културните ресурси.
– Со новата методологија се предвидуваат и механизми за справување со климатските промени, како и усогласување на секторските политики и наоѓање на најсоодветни решенија, истакна Нуредини.
Раководителот на Секторот за просторно планирање Неби Реџепи рече дека целокупниот процес ќе биде поткрепен со нова законска регулатива од областа на просторното планирање, односно ќе диде поткрепен со изработка на новиот Закон за просторно планирање и спроведување на Просторниот план за што ќе бидат вклучени домашни и странски експерти од областа на планирање на просторот.
Директорката на Агенцијата за планирање на просторот Андријана Андреева во поздравното обраќање укажа на важноста на просторниот план нарекувајќи го „устав во планирањето“ и подготвеноста да се ангажираат сите расположиви стручни ресурси, Исто така, укажа и на важната улога на планските региони и нивното учество во овој процес што произлегува не само од фактот што за секој плански регион ќе се изработи посебен просторен план како разработка на националниот, туку и поради нивната улога во напорите за постигнување на рамномерен регионален развој во дражавата.
-Нарачател на Планот е МЖСПП, кое ја координира целата постапка за изработка и ги спроведува процедурите на донесување на Планот согласно Законската регулатива и Методологијата за изработка на Просторниот план, додека изработувач на Просторниот план е Агенцијата за планирање на просторот, се наведува во соопштението.