На 27 март, дванаесетта година по ред, Македонија се вклучува во одбележувањето на најголемата светска еколошка акција „Часот на планетата Земја“. Во 20:30 часот по локално време, еден час во мрак ќе потонат и над 180 земји и 7.000 градови ширум светот.
Акцијата ќе патува низ часовните зони и милиони луѓе ширум светот виртуелно ќе се обединат во испраќање на порака за солидарност со проблемите со кои се соочува планетата Земја. Годинава преку светскиот едночасовен мрак ќе се алармира дека зачувувањето на природата и биодиверзитетот, намалувањето на ефектот од климатските промени и одржливото живеење се пресудни за иднината на планетата, со докази кои упатуваат на тесна поврзаност меѓу уништувањето на природата и светските пандемии, како ковид-19.
Од „Здружението за заштита на животната средина“ соопштија дека, во моментот на едночасовното исклучување на светлата, во мрак ќе потонат повеќе локации во градовите Скопје и Охрид, меѓу кои и претседателската вила Водно, Владата на РСМ, плоштадот Македонија, сите објекти и мостови по кејот на реката Вардар, скопската тврдина Кале, Порта Македонија, парковите во скопските општини Аеродром и Карпош, додека во Охрид меѓу најатрактивните се Самоиловите тврдини, кејот Македонија и црквите Света Софија, Плаошник и Канео.
Првата дигитална климатска конференција во Македонија е под мотото „Дали природата го возвраќа ударот?“ Таа ќе се емитува во живо во сабота во 19:30 на фејсбук профилот на „Часот на планетата Земја“ и премиерно ќе се претстават климатските акции на Македонците преку презентацијата „Кон зелена иднина со амбициозни климатски акции“ на Павлина Здравева, координатор за климатски промени во канцеларијата на УНДП во Северна Македонија.
Во три дебати со претставници од локалната власт, од Собранието, бизнис секторот и невладините организации, ќе бидат дискутирани теми поврзани со забрзаното уништување на природата и начините како да го промениме нашето живеење за да ја осигураме иднината на планетата Земја. Ќе биде презентирано и моќно вирално видео преку кое „Часот на планетата Земја“ и Светскиот фонд за природа (WWF) ќе се обидат да испратат порака на надеж, да се обидеме да дејствуваме против уништувањето на природата.
Свое учество во акцијата најавија и Црвениот крст на РСМ, Сојузот на извидници, хотелите Мериот и Хилтон, трговскиот центар Капитол мол, салоните и управната зграда на А1 Македонија, цементарницата Усје и многу други. Повикот за акција важи и за граѓаните, кои се повикуваат масовно да го исклучат непотребното осветлување и во своите домови.
„Часот на планетата Земја“ започна како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година.