Град Скопје ќе објави јавен повик за субвенции за инвертер клими и чистење оџаци

Градот Скопје информира дека и во 2021 година ќе продолжи со мерките за доделување субвенции на граѓаните за набавка на инвертер клима уреди за загревање, како и за субвенционирање на домаќинствата и на други субјекти за чистење на оџаците, пренесува МИА.

„Советот на Град Скопје на вчерашната седница ја донесе Програмата за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување за 2021 година, со која се утврдуваат начинот и условите за спроведување на активностите за субвенционирање и нивното финансирање. Денови ќе биде распишан јавниот повик за субвенции на кој ќе можат да аплицираат сите лица кои ги исполнуваат предвидените услови, а ќе можат да аплицираат сите оние што набавиле инвертер клима уреди почнувајќи од 1 јануари 2021 година“, информираат од Градот.

Оттаму известуваат дека средствата предвидени за овие субвенции се добиени од Владата на Република Северна Македонија, односно во 2020 година Градот Скопје добил 322.400.000,00 денари. Годинава ќе бидат користени нереализираните средства од минатогодишниот јавен повик или сума во износ од 107.404.074,00 денари,

„Согласно годинешната програма, на граѓаните ќе им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер клима-уред, но не повеќе од 62.000 денари во нето износ“, истакнуваат од Град Скопје.

Тие појаснуваат дека субвенциите се дел од мерките предвидени во Планот за подобрување на квалитетот на воздухот и Акцискиот план на Стратегијата за климатски промени на Град Скопје.

„Согласно со многубројните истражувања за квалитетот на воздухот во Скопје најголемо учество во емисијата на ПМ10 и ПМ2,5 честичките има затоплувањето на домовите кои немаат централно греење. Ова се јавува, пред сè, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, лошиот квалитет на дрвото, начинот на неговото чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки. Инвертерите за затоплување се економични, еколошки, не користат фосилни горива, а истовремено го постигнуваат максималното задоволство при затоплувањето на домовите“, велат од Град Скопје.

Доколку се направи паралела во трошоците за греење на стан со 60 метар квадратен за една грејна сезона во однос на греење со термо печка, печка на дрва и инвертер клима-уред ќе се добијат следните пресметки:

– Термо печка која троши 10.920 kwh електрична енергија троши околу 40.000 денари годишно;

– Печка на дрва која троши 12 м3 огревно дрво троши околу 37.000 денари годишно;

– Инвертер клима уредот на годишно ниво троши само 4.580 kwh електрична енергија, односно само 18.000 денари годишно.

Според анализата на Град Скопје, на годишно ниво ќе се заштедат околу 19.000 денари во однос на загревањето со печка на дрва или 22.000 денари во однос на загревањето со термо печка.

Од локалната самоуправа информираат дека Советот на Град Скопје на вчерашната седница ја донесе и Одлуката за определување на максимален износ за доделување на поединечна субвенција за надоместување на дел од трошоците на домаќинствата и на други субјекти на подрачјето на Градот Скопје за чистење оџаци за 2021 година.

„Со оваа одлука е утврдено дека максималниот износ за доделување на поединечна субвенција е во висина од нето износ најмногу до 1.200,00 денари по домаќинство или правен субјект, додека персоналниот данок на доход е на товар на Град Скопје“, информираат од локланата власт.

Наредниот период ќе биде распишан јавен повик за доделување субвенции за чистење на оџаците, а за аплицирање на јавниот повик ќе биде потребно да се прикаже оригинална фискална сметка со датум од 1 јануари 2021 година, па се до исцрпувањето на буџетот за оваа намена, но не подоцна од 30 ноември 2021 година.

Green CIVIL

FREE
VIEW