Мицотакис го промовираше проектот „Пиркал“ – нов огромен парк и административен центар во Атина

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис викендов во Атина го презентираше капиталниот проект „Пиркал“, со кој се предвидува изградба на огромен парк и ново административно седиште на Атина со вкупна површина од речиси 490.000 метри квадратни.

Од нив, за изградба на парковска површина се предвидени околу 32,4 хектари (324.000 метри квадратни) од локацијата на некогашната фабрика „Пиркал“. Импресивниот проект е именуван како „зелените бели дробови“ на грчката метропола, кои ќе ѝ овозможат на државата да заштеди над 1 милијарда евра на долг рок, што во моментов се плаќаат за закупнини од државните институции, јавува Greek City Times.

*Видео презентација на проектот „Пиркал“; Извор: Влада на Грција

„Планот подготвен од владата предвидува создавање на новите „зелени бели дробови“ во центарот на градот“, изјави Мицотакис од местото на некогашните индустриски постројки на фабриката „Пиркал“, која во моментов е во сопственост на грчките вооружени сили.

Проектот „Пиркал“ треба да се реализира во рок од пет години и во него се проценува дека ќе се вложат 250 милиони евра. Огромниот парк, заедно со идното административно седиште во Атина, би профункционирал во периодот 2025-2026 година.

Станува збор за локација на околу три километри од центарот на Атина, во близина на метро станицата „Дафни“. Покрај огромната површина на зеленило, на околу 160.000 метри квадратни е планирано да се градат административни згради во кои ќе бидат сместени девет министерства, со што ќе се надмине постојниот проблем на расцепканост на државните институции на различни локации во градот, за кои државата плаќа закупнина за изнајмување на нивните простории.

Грчката држава годишно плаќа по 33 милиони евра на име закупнини и други трошоци за објектите на министерствата и другите државни институции во Атина, информираат од грчката влада./МЕТА/

Green CIVIL

FREE
VIEW