Кога пилите ќе стивнат

пишува: ДАНИЦА ПАВЛОВСКА ЦИГИ

Нормално е константно да се грижиме за зеленилото, за дрвјата како основен предуслов за нормален живот, за здравјето, наше и на нашите деца, особено што истражувањата јасно покажуваат дека зелените површини во градот ни се драстично намалени. Ова зло е резултат на непочитувањето, незнаењето и примитивизмот што владеат кај донесувачите на одлуки и навистина е застрашувачки што стана норма  неодговорното проектирање и планирање, а неконтролираната градба очекувана појава. А актуелните локални власти, градски и општински,  се надарени сами да си создадат критични ситуации и да продуцираат незадоволство, така што нивните поединечни  убави потези, реализираните проекти и декларираните политики се обезвреднуваат, самооспоруваат и бледнеат. За жал!

Со сигурност може да се тврди дека ниеднаш одговорните субјекти и администрацијата не покажаа доволно стручност, аналитичност и транспарентност во интервенциите во јавниот простор. Се очекуваше создавање на една зелена визија на градот со присуството на филозофијата на архитектот Јан Гел односно вградувањето на принципот на оплеменување на сите  јавни простори во функција на човекот - граѓанинот. Изготвениот Извештај од една мала анализа на центарот на градот базирана на неговата мисла, постулати и критериуми, а координирана од него и неговиот тим, едноставно не се користи (омаложувачки, игнорантски, тажно).

Протест „Кога пилите ќе стивнат“, ул. „Орце Николов“, 13.06.2021

„Кога пилите ќе стивнат“ е навистина впечатливо мото за протест против сечењето дрвја на улицата „Орце Николов“ во Општина Центар, во Скопје, а перфомансот од 13 јуни 2021 год., иако ‘пост фестум’ е граѓанска реакција и искрен револт кон масакрот кој таму беше направен. Навистина, неразумно и недозволиво е денес, во Европа, во еден од најзагадените градови, уништување на зеленило без доволно силни причини обнародени, разбрани и одобрени од граѓаните.

Настанот се одвиваше на просторот на кој се отпочнати работите околу реконструкцијата на улицата, таму каде се исечените и каде има преостанати драгоцени  дрвја. Перформансот почна со едноминутен молк од почит кон уништените битија и положување цвеќе на местата на коишто се наоѓале, за потоа да следат искази и прокламации сублимирани во завршните  барања на организаторите.

Жално е што во помпезните најави на градежните зафати од јавен интерес во градот не се изнесуваа битните моменти од техничките проекти протолкувани на јазикот на корисниците, така што и овој проект за реконструкција на улица „Орце Николов“ добива своја реализација без соодветно преиспитување на неговиот квалитет. Многу слабости на проектот забележани отпорано (и детално воочени  на терен од професорката Дивна Пенчиќ) не се отстранети и нелогичните решенија се веќе присутни и очигледни, а исечените дрвја и болни и здрави, стануваат колатерална штета.

Од  Општина Центар даваат задоцнето, но и несоодветно објаснување: „Крошните на дрвата чии гранки се кршеа при секое поголемо невреме во градот претставуваа опасност за граѓаните и минувачите. Во повеќе наврати до Општината од жителите од околните згради има пристигнати писмени барања за отстранување на дрвата. Оние дрва што се отстранија, ќе се заменат со нови, висококвалитетни садници, а за останатите ќе се бараат дополнителни решенија”.

Граѓанските здруженија не веруваат во образложенијата дека сите исечени дрвја биле болни затоа што за тоа не е прикажан ниеден документ со стручни аргументи врз основа на кои градоначалникот на Град Скопје го донел решението за сечење (на десет дрвја). Засега не е познато што покажуваат фитопатолошките наоди, дали се направени за секое дрво посебно, дали имало можност, начин, став, опција или мислење да се спасат (бар некои) од дрвјата (Факултет за шумарство компетентно препорачува лекување на дрвја).

Оправдано сомнежлива и извонредно сензитивна јавност не е убедена  во неопходноста од така сурова постапка. Таа праќа сериозна порака до надлежните: не смее да падне НИ ЕДНО ЗДРАВО ДРВО ИЛИ ДРВО КОЕ ИМА ШАНСИ ДА СЕ ИЗЛЕЧИ.

Прво од конкретните заклучни барања од организаторите е да се запре извршувањето на решението издадено од Град Скопје со кое се овозможи сечењето на дрвјата  на улица „Орце Николов“ за да се спасат преостанатите дрвја кои сè уште не се исечени како и да се изготви независна ревизија на проектот за реконструкција на улицата со објавување на проектантот и ревидентите на проектот. Итно да се измени Статутот на Град Скопје со додавање одредби за зголемена транспарентност, ефективна вклученост на јавноста и задолжително објавување на решенијата за сечење зеленило на веб-страницата и на официјалните профили на социјални мрежи на Град Скопје на денот на нивното донесување. Исто така, да се воведат статутарни одредби за задолжително организирање презентација на проекти за уредување улици и јавни простори од страна на проектантите и одговорни лица во општините, со силна партиципација на јавноста. Зелениот катастар на Скопје да се ажурира со сите неопходни информации задолжително тековно, а ЈП Паркови и зеленило во согласност со тековно ажурираните информации на Зелениот катастар, задолжително да изработи план за лечење на дрвјата кои со професионална нега може да се спасат.

Лично посакувам да продолжи принципиелното делување на оваа промислувачка групација на граѓани, а да замолчи и да стивне дури тогаш кога моторните пили ќе стивнат.


Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторката.

Green CIVIL

FREE
VIEW