Зелен поимник: Климатски промени

Екстремно топли лета, појава на суши, долги суви зими и поинтензивни дождови проследени со поплави се главните појави кои најдобро ги опишуваат климатските промени. Но, што значат климатските промени и зошто толку се говори за нив?

Основна дефиниција: Климатски промени се долгорочни промени во глобалната или регионалната клима, кои најчесто се случуваат поради раст на глобалната температура.

Кога промените се случуваат природно, тоа е бавен процес кој се одвива стотици години, додека сегашните климатски промени се случуваат многу побрзо. Човековата активност и употребата на фосилни горива (гас, нафта и јаглен) се најголемите виновници за климатските промени.

Photo by Melissa Bradley on Unsplash

Долгогодишното производство и согорување на фосилните горива доведоа до зголемување на т.н. стакленички гасови (greenhouse gas) во атмосферата, односно го предизвикуваат ефектот на стаклена градина. Токму овие гасови ја заробуваат топлината од сончевите зраци во внатрешноста на атмосферата и предизвикуваат зголемување на просечната температура на земјата.

Затоплувањето на земјата влијае врз основните ресурси потребни на човекот како што се храната и водата.  Чистата вода е од витално значење за здравјето на луѓето, но во последните десет години поради глобалното затоплувањето водата во огромни колични се губи. Прогнозите на Светскиот институт за ресурси (WRI) се дека до 2025 до 3,5 милијарди луѓе би можеле да доживеат недостиг на вода. Од друга страна производството на храна се намалува бидејќи долготрајните суши го намалуваат приносот на земјоделските производи.

Photo by Chris LeBoutillier on Unsplash

Ако пред речиси 150 години просечната температура на земјината површина била 0,16 C°  сега е 1.02 С°. Последните 20 години според податоците од годишните мерење на НАСА (NASA) се рекордно најтопли години.

Научниците се согласни дека трендот на затоплување не може да се запре или да се врати, но дека може да се забави. Поголемиот дел од научните студии предвидуваат дека зголемувањето на темературтата за 2 C° најверојатно ќе се случи по 2032 година и тоа е најнепосакуваниот процес во кои ќе се случат незибежни климатски промени како:

  • Подигнување на глобалното ниво на морињата и океаните за 7 до 8 метри, ќе примори околу две милијарди луѓе да ги напуштат живеалиштата во крајбрежните градови.
  • Сушење на многу делови на Африка кое ќе предизвика најмалку 33 милиони луѓе да имаат недостиг од храна.
  • Топење на ледените плочки на Западен Антартик, кое придонесува за уште поголемо затоплување на земјата.

Светот го вкучи алармот во 1992 година, кога дел од земјите во Рио де Женеиро ја потпишаа Рамковната конвенција за климатски промени (UNFCCC). Земјите потписнички се согласија на бројни обврски, особено во керирање на политики како да се намалат емисиите на стакленички гасови.

Photo by Markus Spiske on Unsplash

Но, потегот кој ќе се памети во историјата на човештвото е потпишувањето на Меѓународниот договор за климатски промени во Париз(The Paris Agreement) на 12 декември 2015 година, поради фактот што овој договор го усвоија сите 196 земји во светот.

Договорот ги обврзува земјите да ги намалат стакленичките гасови со цел да го успорат глобалното затоплување. Целта е глобалната просечна температура да се одржува под 2 C°.

Секоја земја мора да утврди, планира и редовно да известува што конкретно презема за ублажување на глобалното затоплување. За намалување на емисиите на стакленичките гасови треба користењето на фосилните горива да се замени со обновливите извори на енергија.Земјите се обврзаа да се откажат од употребата на јаглен и нафта, да градат ветерници, да поставуваат соларни панели и да употребуваат хидроенергија. Со овој договор богатите развиени земји се обврзаа и да им помогнат на сиромашните земји за да може и тие да ја напуштат употребата на фосилните горива.

Сепак, човековото однесување е едно од клучните во борбата со овој глобален проблем, како на пример, повисока свест за за животната средина, користење електрични превозни средства, рационално користење на електичната енергија и другите ресурси, грижа за биодиверзитетот, рециклирање и низа други промени во општеството, економијата, политиките и практиките на глобално и локално ниво.

подготви: Андреа Чобанова


Creative Commons 4.0


Линкови за понатамошно читање:
https://www.wri.org/
https://climate.nasa.gov/vital-signs/global-temperature/
https://unfccc.int/files/essential_background/background_publications_htmlpdf/application/pdf/conveng.pdf
https://treaties.un.org/pages/ViewDetails.aspx?src=TREATY&mtdsg_no=XXVII-7-d&chapter=27&clang=_en
Читател(к)ите можат да испратат линк на ФБ страницата ЗЕЛЕН ЦИВИЛ за да се додаде на оваа листа.

Прочитајте и:

ЦИВИЛ за „Зелено општество за сите“ 
ЗЕЛЕН ЦИВИЛ почнува со серија едукативни текстови за зелените вредности

До 2025 може да изумрат милион видови од познатата флора и фауна

 

This post is also available in: Albanian

Green CIVIL

FREE
VIEW